Search

Отстранет дефектот на цевководот во рудникот „Саса“

Дефектот на цевководот во рудникот „Саса“ е отстранет од страна на екипи на рудникот, при што истекувањето на пулпата е сопрено и со тоа состојбата е целосно нормализирана, информираат од „Саса“.

Доцна синоќа, околу еден часот по полноќ, поради ниските температури, кои достигнаа и до минус 10 степени, како и поради мразот, беше предизвикано напукнување на цевководот за транспорт на пулпа од рудникот „Саса“ до постојката за одложување, при што беше предизвикано краткотрајно истекување во локалниот речен тек, додаваат во соопштението посочувајќи дека дефектот на цевководот веднаш бил отстранет.

„Во согласност со процедурата во вакви случаи, утринава се земени примероци од водата по должината на течението на реката, кои во текот на денот ќе бидат доставени на анализа во акредитирана лабораторија. По добивањето на резултатите од анализата, рудникот „Саса“, доколку е потребно, ќе преземе и дополнителни мерки за елиминирање на евентуалните последици од истекувањето“, се наведва во нивното соопштение.

Оттаму додаваат дека постапувајќи во согласност со одредбите од Законот за заштита на животната средина и правилата од А-интегрираната еколошка дозвола, за случајот се известени и сите надлежни институции на државно и локално ниво.

Треба да знаете
Последни објави