Search

Откриен криминал тежок 100 милиони евра од страна на Финансиска полиција

Управата за финансиска полиција за периодот од август минатата година до почетокот на ноември годинава има поднесено вкупно 57 кривични пријави против 128 лица за сторени 77 кривични дела. Според податоците што ги доби „Макфакс“ по барање на пристап до информации од јавен карактер, обвинителството оформило случај по сите предмети, но до денес во казнена постапка во судот се само две обвиненија. По кривичните пријави на Управата за финансиска полиција за различни сторени дела, излегува дека за една година се откриени проневери со кои државата е оштетена за близу 100 милиони евра или 6.089.789.949,00 денари.

Сепак, врз предметите од оваа фрапантна бројка на злоупотреби до кои дошле инспекторите од Управата на финансика полиција ниту еден случај не е решен од обвинителствата и судот.
Директорот на финансиската полиција, Арафат Муареми, по своето доаѓање на чело на оваа институција, во неколку наврати рече дека ќе стави крај на финансискиот криминал. Ова тврдење го поткрепува бројот на сработени случаи, меѓу кои неретко пријавите се и за поранешни функционери, градоначалници, директори на институции.

Според увидот во податоците на Управата за финансиска полиција, најмногу сторени кривични дела по кривичниот законик за финансиски криминал има: по 23 кривични пријави „за даночно затајување“ и „фалсификување или уништување на деловни книги“.

За „злоупотреба на службената положба и овластување“ се поднесени 5 кривични пријави, 2 се однесуваат на „фалсификување исправа“, исто толку за „измама“, и за ,,употреба на исправа со невистинита соддржина“.

По една кривична пријава има за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување  договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, „бесправно градење“, „поднесување лажни докази“, „помагање на сторител по извршено кривично дело“, „затајување“, „измама на штета на Европската заедница“ и едно по „закон за ддв“.
Од овие предмети до Основното јавно обвинителство за истиот период завршиле 32 кривични пријави и за сите се  оформен предмет. Од овие, за 3 предмети се води истражна постапка а за 25 се води предистражна постапка.

Четири од оформените предмети се отстапени на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење  организиран криминал и корупција.
„До надлежниот суд по спроведена предистражна постапка поднесени се два обвинителени предлога и два предлога за издавање на казнен налог. Додека кај другите предмети истрагата е во тек“, стои во официјалниот одговор на надлежните за информации од јавен карактер во ОЈО.

Основното јавно обвинителство за гонење  организиран криминал и корупција, пак, во периодот од август до крајот на минатата година година, од Управата за финансиска полиција добило 2 кривични пријави. Во 2018 година примени се девет кривични пријави, од кои еден предмет е отстапен на надлежно предметно постапување на друго основно јавно обвинителство, три предмети се во предистражно постапување, а пет се во фаза на истрага.

Од сите овие предмети, по завршена истрага поднесено е обвинение, односно по една кривична пријава против две лица.

Треба да знаете
Последни објави