Search

Откриена нова двојка од најзагрозениот вид на мајмуни во светот

Откривањето на нова двојка мајмуни од видот хајнански гибон дава надеж за опстанок на овој најредок вид на примати, кој се наоѓа на списокот на стоте најзагрозени видови и беше на работ на истребување.

Поради уништување на шумите и ловокрадството, овој вид мајмуни денес живее исклучиво во дел од шумата на кинескиот остров Хајнан.

Во педесетите години на минатиот век во светот имало околу 2.000 од нив, но во текот на 70-тите тој број опаднал на само десет, пишува Би-би-си.

Според последниот попис, за три пати е зголемен бројот на хајнански гибони (Nomascus hainanus), што значи дека сега се 30, кои живеат во пет одделни групи.

Ваквото закрепнување на загрозениот вид е резултат на напорната работа на луѓето што работат на проектот за зачувување на хајнанските гибони. Проектот го водат фармата Кадори и ботаничката градина во Хонгконг.

„Не можам ни да замислам како би изгледале шумите кога би ги изгубиле овие прекрасни животни и нивното убаво пеење“, вели Филип Ло, експерт за заштита на животните.

Познато е дека гибоните се движат многу грациозно низ крошните на дрвјата, испуштајќи гласни крикови за обележување на нивната територија. Возрасните гибони обично „пеат“ во двојки за време на зората, со што ги зајакнуваат своите врски.

Гибоните живеат во заедници или семејства кои обично се состојат од еден мажјак, две женки и нивното потомство. Откривањето на петтата двојка што е засебно семејство влева надеж дека овој вид примат нема да исчезне.

Треба да знаете
Последни објави