Search

Откопан третиот најголем дијамант во светот

Рударската компанија „Дебсвана“ објави дека откопала дијамант од 1.098 карати во Боцвана.

Компанијата му го покажа дијамантот откопан на 1 јуни на претседателот на Боцвана, Моквитси Масиси, во главниот град Габороне, објави „Гардијан“.

„Се верува дека ова е трет по големина дијамант во светот“, рече директорката на „Дебсвана“, Линет Армстронг.

„Дебсвана“ е рударска компанија со седиште во Боцвана и еден од водечките светски производители на дијаманти.

„Дебсвана“ управува со четири рудници за дијаманти во Боцвана, како и рудник за јаглен.

„Овој редок и извонреден камен значи многу во контекст на дијамантите од Боцвана. Дава надеж за нацијата која постојано се бори“, изјави Армстронг.

Ова воедно е и најголемиот скапоцен камен откриен во историјата на оваа компанија, во заеднички проект на владата и глобалната групација „Де Берс“, која е меѓународна корпорација специјализирана за вадење, експлоатација и трговија со дијаманти.

Најголемиот дијамант откриен досега има 3.106 карати и е пронајден во Јужна Африка во 1905 година, а вториот бил 1.109, откриен во североисточна Боцвана во 2015 година.

Треба да знаете
Последни објави