Search

Отворена првата куќа за родители чии деца се на подолг престој во болница

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска ја отвори Родителската куќа, која е наменета за родители што не се од Скопје, а чии деца се на подолг престој во болница.

„Среќен сум што со Родителската куќа ќе им помогнеме на родителите што не се од Скопје, да имаат топол привремен дом за да може да им бидат најголема поддршка на своите деца кои се на подолг престој во болница и се борат со канцер на хемато-онколошкото одделение. Нема да дозволам повеќе родителите да спијат кај роднини, во околните подруми во куќите околу клиниките и во автомобилите додека нивните деца се борат за живот. Отсега тие ќе имаат свој дом“, потенцира министерот Филипче.

Покрај можностите за сместување, на родителите во Родителската куќа ќе им биде овозможена и психолошка поддршка, која е најважна за нив во тие моменти.

Во Родителската куќа изградени се четири апартмани, во кои ќе има комплетно уредени бањи. Родителите што ќе престојуваат во куќата ќе може да ги користат заедничките простории, како кујна, трпезарија и дневна соба. За децата што ќе престојуваат во оваа родителска куќа ќе има посебно опремена соба за едукација и разонода, како и библиотека. Престојот во куќата и појадокот ќе биде бесплатен, а во куќата ќе може да престојуваат само оние родители што ќе добијат препорака од одделенските лекари и од директорот на Детската клиника, каде што се лекуваат децата.

За непречено функционирање на куќата ќе се грижи Здружението САНО, а Министерството за здравство ја презема обврската за комуналиите.

Треба да знаете
Последни објави