Search

Османи со новиот амбасадор на Словенија, Милан Предан

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија г-дин Бујар Османи денеска ги прими копиите од акредитивните писма од новоназначениот амбасадор г-дин Милан Предан, со кои е именуван за вонреден и ополномошен амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија.

„Дозволете да Ви честитам на преземањето на новата функција и секако да Ви посакам плодна работа и успешна соработка, која уште повеќе ќе ги зацврсти пријателските односи меѓу двете држави. Со Вашиот претходник – амбасадорот Милан Јазбец имавме одлична соработка, Ве уверувам дека и во периодот што претстои ќе ја имате целосната поддршка на Министерството за надворешни работи за да продолжиме да ги развиваме пријателските односи меѓу двете земји”, истакна Османи, потенцирајќи ја притоа благодарноста на Владата и на земјата, за исклучително несебичната поддршка и помош која Словенија ја обезбеди за време на првиот бран предизвикан од пандемијата КОВИД19.

Во рамките на средбата беше изразено задоволството од одличните билатерални односи и успешната соработка меѓу двете пријателски земји, а разменети беа и мислења за актуелните случувања и состојби во нашиот Регион.

Османи упати благодарност за континуирана поддршка што Република Словенија ја дава на Северна Македонија во процесот на евроатланска интеграција и за веќе полноправното членство во НАТО, напоменувајќи дека како земја – пријател, Северна Македонија смета на континуитет во поддршката од страна на Словенија и во однос на нашите ЕУ аспирации.

На средбата беа истакнати заемните заложби за натамошен развој и продлабочување на севкупните односи меѓу двете земји во сите областа од заемен интерес, кои веќе бележат високо ниво на соработка.

Треба да знаете
Последни објави