Search

Османи: Очекуваме јасна одлука за почнување преговори со ЕУ

Очекуваме јасна одлука за отпочнување на преговори со Европската Унија, затоа што ова е единствениот правилен епилог на овој процес кој не се засновал на политички премостувања, истакна вицепремиерот Бујар Османи на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции.

Тој посочи дека очите на 20 милиони жители од Западен Балкан се насочени кон Брисел и очекуваат каков одговор ќе добие Северна Македонија и дали ЕУ ќе го одржи зборот за да се сочува перспективата на оваа земја.

– Граѓаните на Косово очекуваат каков одговор ќе добие Северна Македонија и да видат дали се исплати да пристапат на дијалог за компромис со Србија, а очите на осум милиони граѓани од Србија се насочени кон Брисел за да видат каков одговор ќе добие Северна Македонија, рече Османи.

Очекувањата, како што истакна вицепремиерот се големи и тоа е природно, бидејќи ова не е процес кој го започнавме вчера, туку е процес на кој работиме последниве 19 години.

Вицепремиерот Османи посочи дека како држава сме подготвени за предизвикот кој го носат пристапните преговори.

Говорејќи за текот на транспонирањето на европското законодавство, Османи пред присутните објасни до каде е процесот и што ја очекува земјава откако ќе ги започне преговорите со Унијата, а ја презентираше и преговарачката структура чие воспоставување е веќе финализирано.

-После две децении во процесот на европска интеграција Република Северна Македонија конечно ќе премине во долго очекуваната фаза на преговори која претставува не награда туку валоризација на се она што го постигнавме заедно, особено реформите кои беа спроведени со консензус и на партиите на власт и на тие во опозиција. Со тоа им покажавме и на граѓаните и на нашите меѓународни партнери дека европската интеграција е стратешка определба во која сите веруваме и за чие што остварување сите придонесуваме, истакна Османи.

Верувам, посочи тој, дека на октомврискиот самит земјите – членки ќе донесат одлука која ќе даде импулс за натамошен напредок на земјава, импулс кој ќе има позитивно влијание и врз останатите процеси во регионот, а ќе претставува и позитивен придонес во создавањето постабилна, побезбедна и кредибилна Европска Унија.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Никола Попоски реле дека за датум не одлучуваме ние, туку 27 односно 28 земји членки бидејќи Велика Британија е се уште дел од ЕУ.

– Членки во ЕУ ќе станеме кога ќе се приближиме толку до европските стандарди што за нив ќе биде од прилика сеедно дали сме влегле или не. И мислам дека тој ќе биде главниот критериум по кој ќе се случуваат следните проширувања, рече Попоски.

Тој  во своето обраќање рече дека Макрон и Меркел сигурно состанокот нема да го посветат на Северна Македонија, имајќи предвид дека има многу поважни прашања за разговори.

Пратеничката Ивана Туфегџиќ истакна дека ќе биде многу разочарувачки ако добиеме уште едно одлагање бидејќи, како што додаде, уште едно одлагање ќе значи рушење на кредибилитетот на ЕУ пред нашите граѓани.

-Тука не се работи воопшто за политичка игра, туку за објаснување кое им го должиме на нашите граѓани, бидејќи како држава направивме тешки чекори и тоа мислам дека треба да ни се признае. Не зборувам за политички жртви, туку за сериозни отстапки кои ги направивме во име на евроинтеграциите и граѓаните го поддржуваа тоа, рече таа.

Овде не се работи за подарок, затоа што, како што рече Туфегџиќ „ никој нам ништо не ни подарува, туку напротив ние сериозно ја одработивме задачата која сами пред се си ја зададовме”.

Посебен советник за евроатлански интеграции во кабинетот на премиерот, Бојан Маричиќ, меѓу другото  рече дека треба сите да бидеме среќни заради точката во која се наоѓаме и да бидеме внимателни бидејќи уште многу работа се наоѓа пред нас без разлика на тоа како ќе гласи одлуката на крајот на оваа недела.

-Дали имаме право да се радуваме, тоа ќе го видиме на крајот на неделата. Но, мислам дека толку многу е направено и толку тешки одлуки поминаа и низ ова Собрание и низ Владата и во општеството што доколку добиеме посакувана позитивна одлука ќе треба да ја дочекаме со радост, но и со поголема одговорност и поинтензивна работа на сите нивоа, рече Маричиќ.

Додаде дека треба да сме среќни ако по 15 години излеземе од чекалната и ако се мобилизираме како што веќе сме тргнати за трансформација на општеството и за реформи на сите нивоа.

На денешната шеста седница на Националниот совет за евроинтеграции присуствуваа членовите на комисиите за надворешни прашања, амбасадори на земјите членки на ЕУ, како и претставници од државните институции и граѓанските организации.

Треба да знаете
Последни објави