Search

Османи: Латвија ни е искрен пријател и ја очекуваме нивната поддршка за почеток на преговорите со крајот на годината

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи имаше видео средба со неговиот колега од Република Латвија, министерот Едгарс  Ринкевичс.

„Латвија е искрен пријател на Северна Македонија и вокален промотор на политиката на проширување на ЕУ. Видлива и одржлива европска перспектива на Северна Македонија ќе значи заокружување на проектот за обединување и интеграција на регионот во ЕУ, што пак ќе биде глобална придобивка за траен мир, безбедност и просперитет на европскиот континент”, нагласи Османи.

Северна Македонија, врз основа на сопствените заслуги, без никакво дополнително одложување и натамошно оспорување, категорично заслужува да ги започне преговорите потенцираше Османи на средбата.

„Ваквиот чекор не е значаен само за нас самите, туку и за целиот регион. Ќе даде поинаков импулс на целиот процес и ќе ја тестира новата методологија за водење на преговорите за која Латвија и сите останати земји-членки на Унијата вложија толку многу труд”, истакна Османи.

Министерот Ринкевичс искажа увереност дека одличните билатерални односи и соработка ќе продолжат и во иднина, преку интензивирање на соработката имајќи ги предвид потенцијалите во трговијата и енергетиката, како и можностите што ги дава проектната и бизнис соработка во рамките на Иницијативата Три мориња.

Соговорниците разговараа и за забрзување на постапките за склучување на одредени билатерални договори и разменија мислења за состојбите во Регионот.

Треба да знаете
Последни објави