Search

Османи и Димитров на средба со Крамп Каренбауер, наследничката на Меркел 

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, во рамки на работната посета на Берлин имаа средба со Анагрет Крамп Каренбауер, наследничката на Ангела Меркел на лидерското место на Демохристијанската Унија (ЦДУ) на Германија.

– Имаме исклучително важни два дена на средби и активности во Берлин. Германија е наш клучен европски партнер и поддржувач и нашата цел е овие два дена на нашите германски пријатели да им понудиме што повеќе  аргументи за тоа зошто заслужуваме да го направиме следниот чекор кон Европската унија и да ги отвориме пристапните преговори. Затоа новата лидерка на ЦДУ/ЦСУ ја запознавме со тоа каде Република Северна Македонија беше пред неполни две години и каде е денес, како пример за добар сосед и стабилен и веродостоен партнер во Регионот. Постигнавме многу и продолжуваме да работиме со сите напори и дома и надвор, за заедно со нашите партнери да обезбедиме дофатлива европска перспектива за земјата, истакна министерот Димитров.

Вицепремиерот Османи вели дека од аспект на европските интеграции Германија отсекогаш сме ја сметале за наш стратешки партнер, во чии иницијативи ги наоѓаме мотивацијата и перспективите за нашиот успех, изразувајќи очекување дека таа поддршка и взаемна соработка ќе продолжи и во иднина.

– Во периодот кој ни претстои неопходна ни е сета политичката поддршка од страна на сите наши пријатели внатре во Унијата за да ја прошириме европската приказна на Балканот, и да го отстраниме европскиот скептицизам кој навлегува преку периферијата на Европа, преку јасна и недвосмислена поддршка од страна на земјите – членки на ЕУ за европските перспективи на Република Северна Македонија, како предводник на Европската идеја меѓу земјите од Западниот Балкан, нагласи Османи, посочувајќи на очекувањата од претстојните јунски самити на ЕУ, за потврда на минатогодишната одлуката за почеток на преговорите со Република Северна Македонија.

Вицепремиерот Османи и министерот Димитров во рамки на работната посета на Берлин ќе имаат средба и со државниот министер за Европа, Михаел Рот и ќе учествуваат на брифинг пред Комисијата за ЕУ во германскиот Бундестаг, на кој ќе реферираат за текот на имплементацијата на политичките обврски кои произлегуваат од Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, како и за напредокот во спроведување на реформите во областите предвидени во заклучоците на минатогодишниот самит на ЕУ, како клучни критериуми пред јунскиот самит на Унијата, кога се очекува да биде потврдена одлуката за почеток на преговорите со ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави