Search

Османи: Граѓанскиот сектор-нераскинливa алка во изградбата на функционална демократска држава

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со претставници на повеќе тинк-тенк организации во земјата. Целта на средбата беше зајакнување на дијалогот со тинк-тенк заедницата која има важна улога во клучните политички процеси на земјата, а во насока на отварање на поопсежна дискусија за актуелните политички случувања и предизвиците  за европската перспектива на Северна Македонија.

 “Отворените дебати и дискусии се основа на  демократските процеси во една земја. Граѓанскиот сектор претставува нераскинлив дел од изградбата на функционална демократска држава и оттука експертизата, студиите и анализите на тинк-тенк организациите имаат непроценливо значење во градење на општиот политички дискурс што претставува процес на синергија меѓу сите активни чинители во општеството”, истакна Османи.

Во рамките на средбата беа споделени размислувањата за добрососедските односи, европската агенда на земјата и нивниот ангажман во преговорачката структура во рамките на ЕУ пристапниот процес. Од страна на претставниците на граѓанскиот сектор беше побарано иницирање на поголем број проектни активности и механизми за вклучување на нивната експертиза, при што Османи истакна:

“Како министер за надворешни работи ќе се залагам колку што е можно повеќе за обезбедување на  финансиски средства и проекти кои би вклучиле во себе форми на соработка со тинк-тенк заедницата. Новата методологија за преговарачкиот процес, наметнува поинаква форма на дијалог со земјите-членки и крајната одлука за зачленување ќе биде ексклузивно нивен прерогатив. Во таа насока, улогата на министерството за надворешни работи во интеракцијата со престолнините на земјите-членки и Брисел ќе биде исклучително значајна и незаменлива. Затоа ќе треба една поголема мобилизација, не само на администрацијата, туку и на граѓанскиот сектор за да бидеме поуспешни во овој процес”.

Во оваа прилика, Османи го најави преземањето на претседателството на Северна Македoнија за следната година со  „Фондот за Западен Балкан”, при што нагласи:

„ Ќе ги искористиме сите можности и механизм, преку овој Форум и преку улогата која ќе ни биде доверена, да се обидеме да обезбедиме што повеќе донации за остварување на проектни повици за невладиниот сектор”.

 

Треба да знаете
Последни објави