Search

Османи: Граѓаните ќе ја почувствуваат користа од спроведувањето на ИПА 2

Вицепремиерот задолжен за европски прашања и Национален координатор за ИПА, Бујар Османи претседаваше со четвртиот Мониторинг комитет за ИПА заедно со Дејвид Кулен од Генералниот директорат за проширување и соседска политика (DG NEAR), на кој присуствуваа и претставници од Европската комисија и Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

„Спроведувањето на ИПА во Република Северна Македонија се одвива со добра динамика, што е од особена важност имајќи ја предвид чувствителноста на периодот за нашите европски интеграции. Иако се соочуваме со одредени предизвици, веќе ја затворивме програмата ИПА 1 и сега можеме целосно да се посветиме на спроведувањето на ИПА 2. Имаме амбициозни програми чија реализација значително ќе влијаат во подобрувањето на стандардот на граѓаните, но ќе имаат и особено значење во приближувањето на институциите, на државата и воопшто на земјата кон стандардите на ЕУ,“ истакна Османи.

Во продолжение на состанокот беа разгледани и статусите на имплементација на ИПА 1 и 2, како и сите ревизии нарачани од страна на ГД НЕАР, соодветно ажурирани од страна на националните институции и се констатираа следните информации: програмирањето на ИПА 2 речиси целосно, 96 проценти, завршено; за една петтина од нив, или за 23 отсто од програмите има склучени договори; а за одреден дел, или за 12 проценти од склучените договори, веќе се извршени и исплати кон изведувачите.

Мониторинг комитетот претставува највисока форма на соработка со службите на Европската Унија, чија цел е да се направи преглед на целокупната ефективност, ефикасност, квалитет, кохерентност, координација и усогласеност на спроведувањето на активностите во рамки на ИПА и исполнувањето на нивните цели, како и размена на информации и согласности за активностите кои ќе се преземаат во наредниот период.

Треба да знаете
Последни објави