Search

Османи: Вработувањата во СЕП се кадровско екипирање за преговорите со ЕУ

Новите вработувања во владиниот Секретаријат за европски прашања (СЕП), за кои е објавен оглас, се кадровско екипирање за преговорите за членство во Европската унија, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

– СЕП е носечкиот столб на преговарачката структура. Очекувајќи дека во јуни годинава ќе добиеме потврда за датумот за преговори и оти  во текот  на годинава ќе ги започнеме преговорите, пред се, билатералниот скрининг, па и преговорите, ако има институција која треба да се подготви кадровски тоа е СЕП, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за стартот на проектот Скопје-Блаце.

Во огласените вработувања во Министерството за транспорт и врски, пак, според ресорниот министер Горан Сугарески, има десет унапредувања, но не се нови работни места. Има и нови, но за пополнување на испразнетите позиции по основ на пензионирање, како и за потребата од кадри како што се урбанисти.

И во ЈП за државни патишта, како што рече директорт Зоран Китанов, огласите не се однесуваат за нови вработувања, туку обнова на постоечките на кои им истекува договорот.

– Не се работи за никакво трупање на администрацијата,  туку за патарините и за контролниот  пункт кај  Неготино и екстра правната служба заради затекнатите проблеми со експропријацијата на што работеа само двајца, рече Китанов.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека со тековните огласи за вработување во повеќе институции  се пополнуваат само неопходните работни места.

Треба да знаете
Последни објави