Search

Османи-Варвициотис: Грција е стратешки партнер на Македонија и дава голема поддршка во процесот на интеграција во ЕУ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес, оствари средба со грчкиот алтернативен министер за надворешни работи задолжен за европски прашања Милтијадес Варвициотис, кој престојува во работна посета на Република Северна Македонија.

За време на пленарните состаноци на двете делегации, беше нагласено дека оваа средба се случува во значаен момент, веднаш по Самитот на ЕУ во Брдо Крањ и донесената Брдо Декларација, со која беше повторена поддршката за европска перспектива на земјите од Западен Балкан.

 „Имајќи предвид дека Грција е стратешки партнер на Северна Македонија и дава голема поддршка во процесот на интеграција во Европската унија, очекувањата се сосема оправдани  дека нашиот близок сосед и пријател ќе продолжи со јасна и директна помош во лобирање во претстојниот период, до формалниот почеток на преговори за членство”, истакна по состанокот министерот Османи.

 Покрај фокусираноста на реформите и сеопфатната консолидација на своите европски капацитети, Северна Македонија останува посветена на верното и целосно спроведување на потпишаните договори, согласно политиката на градење на хармонични односи и соработка со нашите соседи, беше нагласено на средбата.

 Министерот Османи истакна дека наспроти препознатливите остварувања за кои добиваме потврда за направени позитивни чекори, постојат и доста прашања кои треба да се решат и во таа насока е и нашата изразена дипломатска активност, проследена со многу чести посети и средби на високо ниво на официјалните претставници, како и помеѓу работните тела. Следува период на ангажман и на зачестени средби на комитетите и комисиите, чија активност во изминатиот период беше поспора.

Се разговараше за унапредување на економските односи и трговските релации, особено што по склучување на договорот за заедничка изградба на Интерконекторот со Грција, се отворија широки перспективи што ќе овозможат гасна експанзија и развој во регионот со поврзување на Централна и на Југоисточна Европа.

Министрите разменија мислења и ставови за актуелните меѓународни случувања, идните инвестициски проекти, како и ангажманите за унапредување на регионалната инфраструктура, отворање на нови гранични премини и склучување на нови договори. 

Алтернативниот министер Варвициотис изрази уверување дека нашата земја ќе ја добие сета неопходна поддршка, за да конечно отпочнат пристапните преговорите за членство во Европската унија.

Треба да знаете
Последни објави