Search

Османи бара да се разрешат косовските министри кои го поддржуваат претседателот на Србија

 Претседателката на Собранието на Косово Вјоса Османи ги повика парламентарните партии во земјата да поддржат резолуција со која ќе се разрешат членовите на косовската Влада од редовите на најголемата партија на српското малцинство, Српската листа (СЛ), кои јавно го поддржуваат и сработуваат со претседателот на Србија Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според спикерката на косовското Собрание, недозволиво е во кабинетот на нејзиниот сопартиец од редовите на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), премиерот Авдулах Хоти, и натаму да останат луѓе кои „му се придружија на Вучиќ во неговата политичка и дипломатска кампања” против Косово.

– Повикот на СЛ, коалицискиот партнер од чии гласови зависи Владата на Косово, за поддршка на политичката и дипломатска позиција на Србија против Косово, е повик против уставниот поредок и суверенитетот на нашата земја. Ги повикувам политичките партии да го поддржат усвојувањето на резолуција/декларација во Собранието, со кое се бара од Владата да ги разреши нејзините членови кои му се приклучија на Вучиќ во политичката и дипломатска кампања против нашата земја, напиша Османи на својот Фејсбук.

Иако е членка на истата партија како и премиерот Хоти, Османи остро се спротивстави на сменувањето на претходниот премиер, лидерот на партијата Движење самоопределување (ВВ), Албин Курти и на формирањето нова влада предводена од нејзината партија.

На 20 јуни, две недели по разрешувањето на Курти и изгласувањето на владата на Хоти, Османи беше разрешена од потпретседателската фукција во ЛДК, но остана членка на партијата, како и претседателка на Собранието.

Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, која е дел од коалицијата во Владата на Хоти, отворено е поддржана од официјален Белград, со кого е во постојан контакт и координација.

Треба да знаете
Последни објави