Search

„Осерваторио”: Кусогледо бугарско вето на патот на Северна Македонија кон ЕУ

Со ветото за стратот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, бугарската Влада игра на националистичка карта, пред се поради голем број внатрешни политички причини, од што последиците, сепак, веројатно ќе бидат големи на среден и подолг рок, оценува ватиканскиот весник „Осерваторио Балкани е Кавказо”.

Авторот на анализата Франческо Мартино смета дека европскиот пат на Северна Македонија се претвори во фрустрирачка трка со пречки, што се повеќе наликува на одисеја.

– По долготрајното вето на Грција во врска со прашањето за името, решено со договорот од Преспа во 2018 година, кога Македонија се согласи да ја додаде одредницата „Северна” на уставното име, сега Бугарија е таа што вели „не” поради прашања кои се не помалку контроверзни и тешко разбирливи за многумина – историското наследство и потеклото на македонскиот идентитет и јазик, се додава во текстот.

„Осевраторио” нагласува дека се чинеше оти спорот околу македонскиот идентитет и јазик е решен со Договорот за добрососедство меѓу двете земји потпишан во 2017 година, но Софија сега тврди дека не е задоволна со тоа како се тој се спроведува и за да го повлече ветото бара спогодбата да стане дел од содржината на преговарачката рамка на Северена Македонија со ЕУ.

– Можности за излез на ќор-сокакот постојат, но тие се мали. Доколку не се постигне договор, европската перспектива на Северна Македонија (но, и на Албанија) може опасно да одолговлчи, поттикнувајќи понатамошна нестабилност на регионот, се додава во анализата.

Весникот нагласува дека и покрај овие несогласувања многумина се сомневаа дека Софија ќе стави на вето на европскиот пат на земјава, бидејќи „членството на Скопје во ЕУ е од стратешки интерес на Бугарија”, но нарушувањето на билансот во бугарската внатрешна политика од долготрајните улични протести се чини дека ја натера Владата да го искористи ветото како класичен инструмент во пресрет на изборите следната пролет, разгорувајќи силна националистичка реторика на темата на македонскиот идентитет, која традиционално има голема поддршка во Бугарија.

– Ризикот со коцкањето за изборни цели може скапо да чини: за македонското прашање Бугарија е изолирана на европско ниво, и откако долго време беше „ученик за пример” во Унијата, сега првпат земјата беше вклучена во листата на „проблематични” како Полска и Унгарија, но не со иста политичка тежина. Дури и промена на ставот во последен момент, за која многу аналитичари се уште веруваат дека е можна, сепак ќе остави последици и сомнежи во кредибилитетот на Бугарија, оценува „Осерваторио”.

Што се однесува до земјава, според весникот, бугарското вето може да има сериозни последици, имајќи предвид дека за премиерот Зоран Заев „членството во ЕУ е светилникот на македонската надворешна политика” и неговото понатамошно блокирање може да има последици врз стабилноста на неговата Владата и на земјата.

– Ако се уште не е јасно кој ќе победи во спорот меѓу Софија и Скопје, со сигурност може да се идентификува губитникот – кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ кон Западниот Балкан. Овој процес забавуван со текот на годините од се повидливиот „замор од проширувањето” и зголемениот отпор од некои земји членки, вклучувањето на овој дел од Европа – кој Брисел секогаш го дефинирал како „стратешки приоритет” – повторно е жртва на вето поради билатерални прашања, кои понекогаш, како во овој случај, се речиси несфатливи за оние кои не се директно вклучени во спорот, смета авторот на анлизата Мартино.

Според него, спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија фрла дополнителна сенка на одржливоста на процесот на проширување и на постигнувањето на крајната цел – вклучување на целиот регион на Западениот Балкан во ЕУ.

– Всушност, многу од земји од Западниот Балкан имаат билатерални спорови со еден или повеќе соседи, кои се сложени и болни, вкоренети во се уште свежите рани на конфликтот што ја распарчи југословенската федерација. Опасноста ветата да доведат до ќор-сокак на процесот е реална, па за да се избегне ова сценарио, можеби дојде време за зачленувањето да не важи механизмот на консензус, што може да ја направи европската судбина на една земја заложник на кусогледа логика што нема многу врска со духот и стратешките приоритети на Унијата, се заклучува во текстот на „Осерваторио Балкани е Кавказо”.

Треба да знаете
Последни објави