Search

Општина Центар до OJO не доставила релевантна документација за катната гаража кај „Авто Македонија“

До Основното јавно обвинителство Скопје, од страна на двајца подносители – физички лица, во март 2015 година беше поднесена кривична пријава против четири лица, а во септември 2016 година беше поднесено и проширување на пријавата против уште едно лице за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик. Наведените кривични пријави се однесуваат на евентуални неправилности во поглед на неисполнување на договорните обврски од склучен договор меѓу Министерството за транспорт и врски како отуѓувач на градежно земјиште во државна сопственост со фирмата Никофон ДООЕЛ по пат на електронско јавно наддавање. Кривичната пријава беше поднесена без да биде приложен ниту еден доказ за да бидат поткрепени наводите.

По приемот на кривичната пријава и по анализа на наводите во неа, јавниот обвинител, согласно Законот за кривична постапка, презеде голем број дејствија за да се направат неопходните проверки врз основа на релевантни писмени и вербални докази.

Па така, беа испитани нотарот пред кого беше солемнизиран договорот за отуѓување на земјиштето, претставник на Министерството за транспорт и врски, двајца претставници од Општина Центар, претставник на купувачот Никофон ДООЕЛ, претставник од Стопанска банка АД Скопје каде бил подигнат кредитот, како и претставник на Државното правобранителство.

Воедно, секој од испитаните, од страна на надлежниот јавен обвинител, беше задолжен наводите во своите искази да ги поткрепи со дополнително поднесени писмени докази, во рамките на надлежностите во кои постапуваат институциите и правните лица за кои се јавуваат како претставници, а со цел да се утврди хронологијата и динамиката на кривично-правниот настан.

Така, вториот испитан претставник на Општина Центар на записник беше задолжен да достави документација за поткрепа на главниот навод во пријавата – дали се преземени мерки по истекот на договорниот рок од издавањето на одобрението за градба. Притоа, претставникот на општината достави делумно појаснување со тоа што презеде обврска да го извести Обвинителството откако конечно ќе заврши постапката по одобрението за градба која беше во тек. Но, такво известување од Општината до овој момент не е доставено до Обвинителството.

При вака неисполнета обврска од страна на претставникот на Општина Центар, Обвинителството не можеше во целост да ја утврди фактичката состојба на пријавениот настан, па предметот се уште е во фаза на предистражна постапка и не е донесена јавнообвинителска одлука.

Притоа, во септември годинава, надлежниот јавен обвинител, на нивно барање, прими двајца претставници на Општина Центар и ги запозна со текот на предметот и со преземените и неисполнети обврски на испитаниот претставник на општината. Во разговорот со нив, предмет на интерес на јавниот обвинител беше дали општината ги презела правните механизми кои и стојат на располагање пред надлежните судови доколку сметале дека не се испочитувани договорните обврски и дали за тоа го известиле Државното правобранителство.

Претставниците на општината наведоа дека такви сознанија немаат во моментот, а дополнително до Обвинителството доставија единствено Правилник за определување на цената на градежното земјиште. Со ова тие не постапија по повторното задолжување од страна на јавниот обвинител да ја достават релевантната документација за текот на мерките и дејствијата што ги презела општината во рамките на својата надлежност за заштита на интересот на граѓаните.

Со оглед на тоа што во јавноста се даваат наводи од Општина Центар за јавнообвинителското постапување во овој предмет, а два пати не се постапува по зададените задолженија, Основното јавно обвинителство Скопје повторно повика претставник на општината за да ги даде неопходните појаснувања и да ја приложи потребната документација.

Во поглед на изнесените наводи за постигнатата цена на земјиштето, Обвинителството нагласува дека од сите прибрани материјални докази во предметот до овој момент произлегува дека постигнатата и исплатена цена за спорната парцела согласно договорот изнесува 6.150 денари/м2.

Треба да знаете
Последни објави