Search

Општина Гази Баба и ДЗС почнаа акција за намалување на заканите од поплави

Општина Гази Баба заедно со Дирекцијата за заштита и спасување почнаа акција за намалување на заканите од поплави.

-Заеднички ќе работиме на едукација на населението, а особено на младите како да се спречат поплавите во ризичните области, како и на неопходните мерки во состојба на поплава… Општина Гази Баба поучена од водената стихија на 6 август 2016 година, во изминатиот период презема низа превентивни мерки и активности во насока на спречување и намалување на закани од поплави каде најпогодени беа населените места Инџиково, Ченто, Синѓелиќ, Стајковци, Брњарци, Црешево, Страчинци, Виниче, Смилковци, изјави градоначалникот Георгиевски.

Тој рече дека откако станал градоначалник, преземале превентивни мерки и активности за уредување на речните корита и суводолиците.

-Потоа на површина од 3441 хектари во Скопска Црна Гора, општина Гази Баба прогласи ерозивни подрачја кои ќе бидат пошумени и регулирани дождовните води, а изработена е и комплетна студија за разрешување на поројните дождови на Скопска Црна Гора. Покрај ова, нарачано е техничко решение за нов одбоден канал на северната обиколница, а целта е да ги собере сите води од Скопска Црна Гора и да ги одведе до одбодниот канал, рече Георгиевски.

За овие мерки да бидат ефективни, посочи тој, покрај интервенциите на општината, потребно е и граѓаните да дадат свој придонес со тоа што ќе ја одржуваат животната средина чиста, да не фрлаат ѓубре во речните корита и во каналите или доколку видат дека постои смет на овие места, да ги информираат надлежните служби и да не се преградуваат водотеците за да се прават акумулации на вода во летниот период.

-Општина Гази Баба и во иднина ќе продолжи со спроведување на превентивни мерки за спречување од поплави, се со цел никогаш да не се повтори поплавата од 6 август 2016 година, нагласи градоначалникот Георгиевски.

Треба да знаете
Последни објави