Search

Општата болница во Куманово доби апарат за рана дијагностика на оштетувања на слухот кај бебињата

Министерот за здравство, Венко Филипче, ја посети кумановската болница по повод донацијата на апарат за рана дијагностика на оштетувања на слухот кај новороденчињата во Општата болница во Куманово, реализирана од ЕВН со поддршка на Project HOPE во Македонија.

Тој оцени дека донираниот апарат значително ќе придонесе кон навремена дијагноза и соодветен третман за можните оштетувања на слухот кај новороденчињата во болницата во која, како што посочи, годишно се раѓаат околу 1.400 деца, а ваков вид преглед бил достапен само на Клиниката за уво нос и грло во Скопје.

„Квалитетен живот значи квалитетно здравство. За постигнување на оваа цел, задолжителна е поддршката на сите фактори во општеството. ЕВН треба да послужи како позитивен пример за компаниите во приватниот сектор со тоа што ја препозна потребата за донирање во здравството. Но, од Project HOPE помогнаа да се насочи соодветно добрата волја на приватните донатори. Нивната долгогодишна поддршка на македонското здравство е од огромно значење, а посебно улогата во унапредувањето на здравјето на мајките и бебињата, каде што е насочен и нашиот фокус како Министерство и како Влада. Верувам дека заедно можеме многу да придонесеме за подобрување на здравствената услуга во целост“, изјави Филипче.

Свое обраќање имаше и Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“, кој истакна дека апаратот што се донира денес е задолжителна опрема на неонаталните одделенија во Западна Европа и тој е според највисоки европски стандарди.

На настанот присуствуваше и Јан ван ден Берг од Project HOPE Германија ,кој посочи дека ЕВН е редок пример во Македонија што ја практикува оваа форма на одговорно донирање. Тој потсети дека Project HOPE во континуитет ги опремува и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје и Специјалната болница по гинекологија и акушерство во Чаир. Овие напори се во рамките на глобалните цели на организацијата, а тоа е здравјето на мајките и бебињата.

Треба да знаете
Последни објави