Search

ОН: Глад им се заканува на 45 милиони луѓе во Јужна Африка

Поради сушите, поплавите и економската криза, во некои земји во Јужна Африка им се заканува глад на 45 милиони луѓе, што е рекорден број, предупредија Обединетите нации.

„Кризата со глад зазема невидени размери и нашите процени од терен покажуваат дека ќе се влошува“, предупреди во соопштение регионалната лидерка на Светската програма за храна, Лола Кастро.

Веќе петта година целиот јужен врв на африканскиот континент трпи суша, која се влошува од климатската појава позната како Ел Нињо, што лошо влијае на земјоделските приноси во 16 земји во овој дел од светот, кои главно се многу сиромашни.

Порастот на температурите во светот во овие подрачја предизвикува исто така и невреме и циклони.

Оваа година Светската програма за храна планира да обезбеди помош за 8,3 милиони луѓе што живеат во несигурни предели со храна – Зимбабве, Замбија, Мозамбик, Мадагаскар, Намибија, Лесото, Малави.

Најмногу загрижува состојбата во Зимбабве, каде што процените на Светската програма за храна се дека глад им се заканува на 8 милиони луѓе или на половина население.

Треба да знаете
Последни објави