Search

Онлајн балкански самит во организација на Атлантскиот совет

Атлантскиот совет од Вашингтон денеска ќе биде домаќин на онлајн Самит на лидерите на шест замји од Западниот Балкан, на кој, според организаторите, ќе учествува и претседателот Стево Пендаровски.

Целта на самитот е преземање практични чекори за постигнување на договор за регионалната економска соработка, кој би требало да му помогне на регионот да се справи со разурнувачките последици на пандемијата на Ковид-19 преку зголемување на можностите за економски развој.

– Очекуваните економски и социјални последици на пандемијата Ковид-19 врз Балканот бараат итна регионална акција за да се избегне економската стагнација и потенцијалната нестабилност што доаѓа со неа. Овој договор ќе демонстрира посветеност на лидерите за поттикнување на економскиот развој преку слободно движење на стоки, лица и услуги преку границите во регионот. Тој, исто така, ќе воспостави и значаен план за привлекување странски инвестиции и забрзување на ефикасното распоредување на средствата од фондовите за надминување на последиците од Ковид-19, се наведува во соопштението на Атлатскиот совет.

Советот потенцира дека го организира овој Самит за партнерство на Западниот Балкан со цел да ги олесни и промовира конкретните чекори за регионална економска интеграција што може да го стимулира економското закрепнување по Ковид-19, да ја зајакне конкурентноста на регионот на подолг рок и да го зголеми интересот на инвеститорите за вложување.

– Конкретните мерки договорени на Самитот – вклучени во постојните регионални иницијативи и дијалози – ќе испратат важна политичка порака за евроатлантската иднина на Западниот Балкан во време на зголемена неизвесност, посочува Атлантскиот совет.

На Самитот, чиј модератор ќе биде извршниот потпретседател на Атлантскиот совет, Дејмон Вилсон, покрај на Пендаровски, најавено е учество и на српскиот претседател Александар Вучиќ, на премиерите на Албанија, Еди Рама, на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија и на Косово, Авдула Хоти, како и на црногорската министерка за економија Драгица Секулиќ.

Треба да знаете
Последни објави