Search

Олсиан Чела избран за нов албански Главен државен обвинител

Албанскиот Парламент попладнево со 101 глас „за” за нов Главен државен обвинител го избра Олсиан Чела, со мандат од седум години.

Тој на ова функција ќе ја замени Арта Марку, која како вршител на должноста беше поставена пред две години, само со гласовите на владејачката Социјалистичка партија, откако тогашниот Адриатик Лала, поднесе оставка поради сомненија за вмешаност во корупција.

Таа и денес беше еден од тројцата кандидати предложени од Високиот совет на обвинтели, заедно со Чела и Фатјона Мемчај. За Марку гласаа 11, против беа 22, а воздржан 78 пратеници, додека за Мемчај гласаа осум, против беа 16, а воздржани 87 пратеници.

Чела својата кариера ја почнал во 2001 година, откако дипломирал на Факултетот за магистри. Тој се смета за „обвинител за тешки досиеја”.

Првично работел како обвинител во Обвинителството во Тирана, а во 2004 година, бил назначен за прв човек на Обвинителството за тешки кривични дела, институција со која раководел четири години.

Со години бил член на Управниот одбор на Факултетот за магистри и професор на два универзитета. Чела е контакт-точка на Европравда во албанското обвинителство. Со текот на годините тој бил обучуван во повеќе земји од Европската унија и САД за прашања од областа на организираниот криминал.

Течно зборува четири странски јазици.

Чела беше прв на листата предложена од Високиот совет на обвинителството од повеќето кандидати кои аплицираа за оваа функција, а кои претходно го минаа ветингот, втора беше Марку а трета Мемчај.

Треба да знаете
Последни објави