Search

ОЛАФ порачува : Средствата од ЕУ несмеат да завршат во џебовите на измамниците

Предизвиците и можностите за спречување измама се на врвот на агендата на годинашната конференција за единиците на земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, за координација на борбата против измама, што се одржува во Република Северна Македонија од 18 до 20 септември. Во организација на Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) во соработка со Министерството за финансии, на настанот учествуваат претставници од органите за спроведување на законите, но исто така и од државната администрација на 7-те земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ. Покрај тоа, учествуваат претставници од 3 земји членки на ЕУ, како и од Грузија, Молдавија и Украина. Конференцијата се фокусира на преточување на оперативните знаења во ефикасни мерки за спречување измама.

Единиците за координација на борбата против измама ја олеснуваат ефективната соработка и размената на информации со ОЛАФ. Тие имаат активна улога во спроведувањето сеопфатни стратегии за борба против измама на национално ниво, споделувајќи информации за можните неправилности во врска со управувањето со средствата од ЕУ и применувајќи ефективни мерки за заштита на буџетот на ЕУ. Имајќи предвид дека вкупниот износ на претпристапното финансирање за 2014-2020 година е речиси 12 милијарди евра, позитивната соработка со земјите кандидати и потенцијалните кандидати, претставува актуелна тема на семинарот. Овој настан е одлична можност властите во земјите учеснички да извлечат полза од дискусиите и споделените искуства од истиот.

„Верувам дека борбата против измама и корупција треба да биде клучен елемент во владините активности, вклучувајќи го и обезбедувањето алатки потребни за откривање и гонење измамници од страна на органите за спроведување на законите и јавната администрација“, рече генералниот директор на ОЛАФ, Виле Итала. „Наша заедничка одговорност е да обезбедиме средствата од ЕУ да се трошат правилно и ефикасно и да не завршуваат во џебовите на измамниците“, додаде тој.

Министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека спречувањето е клучна област во борбата против измамата и треба да се третира како приоритет од страна на органите за управување, сертифицирање и ревизија.
„Полесно и поекономично е да се спречи, отколку да се поправа сторената штета од измамата. Стабилен и ефективно имплементиран систем за управување и контрола е од суштинско значење бидејќи може значително да го намали ризикот од измама“, додаде таа.
Исто така, информира дека во тек е постапка на воспоставување институционална мрежа или т.н. АФКОС мрежа за сузбивање неправилности и измами. АФКОС мрежата ќе обезбедува подобра соработка на национално ниво на институциите вклучени во борбата против неправилности и заштита на финансиските интереси на ЕУ.
Силната улога на ОЛАФ во спроведувањето истраги во земјите кандидати за членство во ЕУ ќе продолжи дури и откако Европското јавно обвинителство ќе почне да функционира во 2020 година. За таа цел, еден од претпристапните услови подразбира остварување солидни резултати при соработката со ОЛАФ за истрагите и пријавувањето неправилности што ги откриваат самите земји.

Треба да знаете
Последни објави