Search

Од 1 мај поскапо гиро во Грција

Гирото во Грција од 1 мај се очекува да биде поскапо за 10 до 15 проценти, односно за 10, 20 или 30 центи, поради покачувањето на цените на месото, и да достигне цена до три евра.

По веста за зголемувањето на цената, што ја објави грчката телевизија „Скај”, се огласи претседателот на Комората на трговци од Атина, кој повика на дијалог со цел цените да останат исти, а дописничката на МИА од Атина поразговара со сопственици на таверни кои служат гиро и ја потврдуваат информацијата.

– За жал ќе мора да ја зголемиме цената, веројатно тоа ќе биде од 1 мај. Ако сега гирото чини 2,10 евра, тогаш цената ќе биде 2,20 или 2,30 евра, вели за МИА сопственичка на продавница за гиро.

– Слушнавме за покачувањето на цената, меѓутоа ние, за почеток нема да направиме промени. Цената ќе остане иста, иако месото е поскапо, вели сопственик на таверна.

На прашањето на МИА дали тоа им оди во прилог во однос на профитот, сопственикот вели дека генерално, гирото за носење не носи воопшто профит, но немаат друг избор, бидејќи сакаат да им излезат во пресрет на граѓаните.

– Тоа е како домино. Поскапо месо, поскапо гиро. Што да правиме. Не можеме ние да ја покриеме разликата. Со зголемувањето на ДДВ пред некоја година, не ги покачивме цените. Решивме, да ја покриеме ние како таверна. Но, сега ќе мора да се направат промени. Секако, поскапувањето нема да биде големо, 10, 20 или 30 центи не се многу. Поважен ни е квалитетот, вели сопственичка на таверна во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Сопствениците на таверните и рестораните кои подготвуваат и служат скара, а работат на формирање свое здружение за да се справат со проблемите во нивниот сектор, за грчката телевизија „Скај” велат дека цената на месото од 1 март е зголемена за 30 отсто.

Претседателот на Комората на трговци од Атина, Јанос Хаѕитеодосиу, негативно ја коментира информацијата дека се очекува покачување на цената на гирото за 10 до 15 отсто. Тој вели дека ја сфаќа загриженоста на сопствениците и го повторува ставот на Комората дека мора да има олеснување и намалување на високите даноци.

– Упатувам повик до сите надлежни, веднаш да се започне плоден дијалог за да се избегне толку големо покачување на производ што во главно е наменет за обичните луѓе и за народните маси, но има врска и со нашата традиција. Тоа е нешто што се идентификува со Грција и е секојдневен избор на значителен дел од населението, па дури и туристичка атракција. Зголемувањето на цената значително ќе ги оптовари и домаќинства, особено оние со мали финансиски можности, но мислам исто и трговците, бидејќи сметам дека ќе се намали потрошувачката, вели Хаѕитеодосиу и додава дека во интерес на сите е да не се примени зголемувањето на цената за 10 до 15 проценти.

Треба да знаете
Последни објави