Search

Од Црна Гора 23 граѓани војувале во Сирија и Ирак

Во Сирија и Ирак од 2012 година војувале 23 црногорски државјани, информира денеска Драган Пејановиќ, национален координатор за борба против насилниот екстремизам.

На конференција насловена „Како етнонационализмот води кон насилен екстремизам”, организирана од Центарот за демократска транзиција, Пејановиќ рече дека Црна Гора е подготвена да одговори на појавата на радикализација и екстремизам.

– Медиумите во Црна Гора досега не направија грешка како некои во други земји, кои беа мегафон на тероризмот, рече Пејановиќ.

Црна Гора треба што побрзо да донесе нова стратегија за борба против насилниот екстремизам, рече шефот на Делегацијата на ЕУ во Црна Гора Аиво Орав.

– Со задоволство забележувам дека Црна Гора планира да формира мултидисциплинарен тим што ќе допре до локалните заедници, што е клучно за создавање превентивни мерки, рече Орав.

Црногорскиот министер за внатрешни работи Мевлудин Нухоџиќ рече дека етнонационализмот го зголемува агресивниот потенцијал, а со тоа придонесува за создавање плодна почва за екстремизам.

– Национализмот е пат кон негирање на демократијата, човековите права и слободи, рече Нухоџиќ, додавајќи дека сите заедно треба да градат мултикултурна заедница.

Тој оцени и дека регионот на Југоисточна Европа е едно од чувствителните подрачја.

– Имајќи го предвид негативното наследство од војните од крајот на 20 век, испреплетувањето на различни интереси и влијанија, но и честопати погрешните сфаќања за националните и верските разноликости, од историјата мора да извлечеме мудри и трајни поуки. Од сите земји во регионот, Црна Гора е најмалку погодена од појавата на насилен екстремизам, рече Нохџиќ.

Треба да знаете
Последни објави