Search

Од нафта на термални пумпи: Еко греење за градинката „Пролет“ во Влае

Градинката „Пролет“ во Влае започнува да користи нов, еколошки систем на греење и ладење, преку користење термални пумпи кои работат на системот „воздух – вода“.

Со промената на системот на греење и напуштањето на нафтата, драстично ќе се намали нивото на ПМ10 честички во воздухот и емисијата на штетни гасови. Промената обезбедува замена на  14 тони нафта на годишно ниво со обновлив извор  на енергија што ќе значи 11 килограми помалку присуство на ПМ10 честички и намалена емисија на СО2 во воздухот.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев ги истакна и другите придобивки од новиот режим на затоплување:

-Заштедите на објектот ќе се движат од 55 – 65 отсто во однос на досегашниот систем на греење со нафта. Исто така, предвидено е автоматско управување и контрола на системот, кој ќе користи евтина ноќна тарифа, а во летниот период истиот ќе се користи и за ладење, со што ќе се заштеди струја од системот на инвертори што сега се користат во просториите на градинката, рече Богоев.

-Елиминирањето на изворите на загадување и промената на системите за загревање на јавните установи  и институции е еден од клучните предуслови за почист воздух и системско решавање на проблемот со аерозагадување. Ова го истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули. Тој посочи дека со денешната промена на начинот на греење на градинката „Пролет“, всушност, се спречува загадување како од 30 куќи, домаќинства, кои се греат на нееколошки начин.

Општина Карпош со поддршка од ресорното министерство го отстрани и последниот потенцијален загадувач во урбаното јадро, имајќи предвид дека сите други градинки се приклучени на централниот систем на греење.

Оваа инвестиција е во вредност од 55.000 евра, а локалната самоуправа аплицираше и доби грант, доделен од Владата за активности во рамки на Планот за чист воздух.

 

Во изминатиот период, во рамки на Планот се променија и прозорците и вратите на градинката „Мајски цвет“, во УЗ Владо Тасевски (Млечен), со цел да се подобри енергетската ефикасност на објектот и да се заштедат средства за електрична енергија.

Треба да знаете
Последни објави