Search

Од денеска може да се аплицира за субвенции за електрични тротинети и велосипеди

Град Скопје денеска распиша два јавни повици: Јавен повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Градот Скопје за купување електрични тротинети во 2019 година  и Јавен повик за купување велосипеди во 2019 година.

Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Градот Скопје за купување електрични тротинети во 2019 година ги опфаќа сите граѓани (жители) на Град Скопје кои ќе купат нов електричен тротинет купен во Република Северна Македонија, од 1 јануари 2019 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за Јавниот повик, или не подоцна од 30 ноември 2019 година.

Со овој повик се предвидува Град Скопје да надомести (субвенционира) дел од средствата за набавка во износ од 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен”.

– За учество на Јавниот повик барателот до Град Скопје треба да достави: барање за субвенција за купување на еден електричен тротинет (барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: www.skopje.gov.mk), доказ за жителство во Град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот, фотокопија од трансакциска сметка на барателот, изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување на електричен тротинет од Град Скопје, оригинал фискална сметка издадена во Република Северна Македонија, со датум од 01.01.2019 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за Јавниот повик, но не подоцна од 30 ноември 2019 година, соопштуват од прес-службата на Град Скопје.

Од таму информираат дека едно лице може да поднесе само едно барање за добивање надоместок за еден електричен тротинет и заедно со потребната документација да се доставуваат до соодветната Комисија, преку Архивата на Град Скопје, бул.„Илинден” бр.82, секој работен ден од 9 до 15 часот.

Целиот јавен повик може да се види на следната интернет врскa www.skopje.gov.mk/Uploads/JavenPovik/Јавен Повик тротинети.pdf

Со вториот Јавен повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди во 2019 година, се предвидени субвенции за граѓаните кои имаат купено нови велосипеди од 27 мај 2019 година и ќе трае се до исцрпувањето на буџетот наменет за јавниот повик, или не подоцна од 30 ноември 2019 година.

Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, а јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен”.

Барателот треба да ги исполни следниве услови: барање за субвенција за купување на еден велосипед (барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: www.skopje.gov.mk), доказ за жителство во Град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот, фотокопија од трансакциска сметка на барателот, изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување на велосипед од Град Скопје, оригинал фискална сметка издадена во Република Северна Македонија, со датум од 27 мај 2019 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за Јавниот повик, но не подоцна од 30 ноември 2019 година.

Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување велосипед, заедно со потребната документација, граѓаните во затворен плик да се доставуваат до соодветната Комисија, преку Архивата на Град Скопје, бул. „Илинден” бр.82, секој работен ден од 09 до 15 часот.

Целиот јавен повик граѓаните можат да се види на следната интернет врска – www.skopje.gov.mk/Uploads/JavenPovik/Јавен Повик Велосипеди 2019.pdf

Од Град Скопје потсетуваат дека минатата година, кога за првпат даваше субвенции за електрични тротинети биле пристигнати 117 барања за субвенции, додека ова е втор јавен повик за субвенции за купување на велосипеди во 2019 година, а во првиот повик пристигнале 3.472 барања за субвенци.

Треба да знаете
Последни објави