Search

Од воведувањето на таксите, од Србија во Косово влегле 38 камиони со стока

Од денот кога, пред две недели, косовската Влада донесе одлука за воведување 100 отсто такса на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, од овие земји во Косово влегле вкупно 49 камиони со стока, од кои 38 од Србија и 11 од БиХ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според пишувањето на приштински „Зери”, до 21 ноември, кога Владата на Рамуш Харадинај ја донесе одлуката за таксите, во земјата само од Србија влегуваа по околу 100 камиони со стоки дневно.

Портпаролот на Царината на Косово, Адриатик Ставилеци за весникот изјави дека и вредноста на увезената стока е ниска и дека увозниците во целост ја платиле таксата од сто проценти.

– До сега, според информациите од теренот, сме имале 38 увози од Србија и 11 од Босна. Главно станува збор за суровини за производство со ниски вредности, односно нивната вкупна вредност изнесува околу 140.000 евра и исто толку се платени на име на заштитни мерки, изјави Ставилеци.

И покрај реакциите и протестите на Белград и на косовските Срби и барањата на Европската унија и САД да ја укине таксата, Владата на Харадинај е решена да не ја повлекува одлуката, се додека, како што вели, Србија не ја признае независноста на Косово.

Треба да знаете
Последни објави