Search

Одржана редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка

На 11 јуни 2019 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 2,25%. Истовремено беше одлучено понудата на благајнички записи за аукцијата којашто ќе се одржи на 12 јуни 2019 година да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

На седницата беа разгледани најновите остварувања во домашната економија во контекст на априлските макроекономски проекции. Според Комитетот, економските фундаменти се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Отсуството на нерамнотежи е видливо преку ниската и стабилна инфлација и поволната надворешна позиција, контекст којшто придонесува за поволни движења на девизниот пазар и интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања и поволни согледувања.

Во однос на најновите макроекономски показатели, според проценетите официјални податоци за БДП, економската активност во првиот квартал на оваа година бележи годишен раст од 4,1%, што е во согласност со очекувањата. Растот на економската активност е поттикнат од домашната побарувачка, додека нето-извозот има мал негативен придонес. За вториот квартал од годинава, при ограничен обем на расположливи податоци, тешко е да се формира попрецизна оцена за состојбата во економијата. Засега, расположливите високофреквентни податоци за април упатуваат на натамошни поволни движења во економијата, коишто се видливи преку натамошниот раст на индустриското производство и прометот во трговијата.

Остварената просечна годишна стапка на инфлација во првите пет месеци изнесува 1,4%, при очекувања за стапка на инфлацијата од 1,5% за целата 2019 година. Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за оваа година засега се оценуваат како урамнотежени.

Што се однесува до показателите од надворешниот сектор, засега се расположливи податоците за надворешнотрговската размена за април, при што периодот од еден месец е краток за донесување посигурни констатации во овој домен. Податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на мај укажуваат дека нето-приливите од приватните трансфери се во согласност со очекувањата за вториот квартал. Остварувањата кај билансот на плаќања во првиот квартал од годинава посочуваат на повисок дефицит во тековната сметка во однос на априлската проекција, но и подобри нето финансиски приливи од очекуваните за истиот период. Девизните резерви на крајот на мај се повисоки во однос на крајот на минатата година, при што сите показатели за нивната адекватност и натаму се во сигурната зона.

Во однос на монетарните движења, по растот во април, првичните податоци за мај покажуваат мал месечен пад на вкупните депозити, којшто во најголем дел произлегува од падот на депозитите на претпријатијата и на останатите сектори, при мало намалување и кај депозитите на домаќинствата. На кредитниот пазар, во мај, продолжи месечниот раст на кредитите, движен од растот на кредитирањето на домаќинствата. Засега не се забележуваат поголеми отстапувања од очекуваната динамика на монетарните и кредитните агрегати.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банките се задржа на релативно стабилно и високо ниво, што придонесе и натаму банките да имаат ниска потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити. Во такви околности, банките и натаму го насочуваат вишокот слободни парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти.

На девизниот пазар во мај беше забележан сезонски раст на нето-побарувачката за девизи, којашто беше целосно задоволена од сопствените девизни средства на банките. Покрај тоа, во услови на флексибилно управување со девизните средства и обврски, банките еден дел од вишокот девизна ликвидност го насочија и на меѓубанкарскиот девизен пазар, поради што Народната банка и овој месец интервенира со откуп на девизи од банките поддржувачки. Заклучно со мај, Народната банка откупи 72,5 милиони евра, со што и во првите пет месеци од оваа година централната банка е присутна на девизниот пазар само со откуп на девизи од системот.

Обновените глобални трговски тензии со заострувањето на односите на САД со Кина и со Мексико, во мај, доведоа до зголемена одбивност кај инвеститорите за преземање ризик на меѓународните финансиски пазари. Како резултат на тоа се зголеми побарувачката за државните хартии од вредност, што доведе до раст на нивните цени и следствено до пад на приносите на пазарите од двете страни на Атлантикот, а зајакна САД-доларот. Носителите на монетарната политика на ФЕД порачаа дека постои потреба од претпазлив пристап во приспособувањето на каматните стапки уште извесен период, како и подготвеност за соодветна реакција на монетарната политика со намалување на каматните стапки, како одговор на ризиците од заострените трговски односи на глобално ниво. На состанокот на ЕЦБ на почетокот на јуни беше истакнато дека каматните стапки во ЕУ ќе останат исти до првата половина на 2020 година, наспроти претходните најави дека ќе се задржат на тоа ниво до крајот на оваа година. Истовремено, на состанокот беа објавени и дополнителни детали за каматната стапка на новите таргетирани долгорочни операции за рефинансирање (TLTRO III). Во тој контекст, глобално влијателните централни банки сè уште одржуваат поволни монетарни услови заради поттикнување на економскиот раст, но според првичните оцени, неодамна најавените промени кај царините и во САД и во Кина може да придонесат за понизок глобален БДП во 2020 година за 0,5 процентни поени од тековно проектираниот.

Општо земено, на седницата беше заклучено дека макроекономските показатели и оцени главно се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходната оцена. Притоа, повторно беа нагласени неповолните ризици од надворешното окружување, особено оние предизвикани од неизвесноста поврзана со сѐ поголемите трговски тензии. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Треба да знаете
Последни објави