Search

Одржана работна средба за подготовка за Европскиот квиз на парите

Народната банка беше домаќин на работна средба со наставниците и професорите координатори од основните и средните училишта од земјава кои ќе учествуваат во Европскиот квиз на парите. На денешниот настан се одржа презентација на одделните фази и обука за подготовка за натпреварот, кој во организација на Македонската банкарска асоцијација, Министерството за образование и наука, Народната банка и Комисијата за хартии од вредност по првпат се одржува во нашава земја, чија цел е финансиска едукација на младите од 13 до 15 години.

Во своето поздравно обраќање, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска укажа на значењето на финансиската едукација и истакна дека Европскиот квиз на парите, како иницијатива на Европската банкарска федерација ги обедини финансиските регулатори и банките, како и образовните институции во земјава, со една многу значајна цел, а тоа е подобрување на вештините на најмладите во доменот на финансиите, што придонесува за подобрување на нивните знаења и способност да се соочат со работните и животните предизвици во иднина.

Таа изрази посебно задоволство од масовниот одѕив на повикот за квизот, со оглед дека бројот на пријавени одделенија и класови е многу поголем од очекуваниот, при што се проценува дека во фазата на интерни тестирања ќе бидат опфатени околу 3.000 ученици од целата земјата.

„Ваквиот пристап, со вклучување цели одделенија и класови, овозможува сите тие ученици да се запознаат со проблематиката на финансиската едукација, со аспекти поврзани со работењето на централната банка, банките, пазарите на хартии од вредност. Тоа претставува значајна придобивка и воедно, цел на иницијаторот и организаторите – масовен опфат, поширока едукација“ – истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.

На настанот се обрати и заменик-министерот за образование и наука, Петар Атанасов, кој меѓу другото истакна дека обуката и едукацијата на младите е приоритет за секое општество.

Присутните на настанот ги поздрави и Коста Митрески, претседател на Македонската банкарска асоцијација, а Милена Перчинкова од Асоцијацијата изврши презентација за текот на натпреварот. Потоа беа презентирани материјалите за финансиска едукација од Народната банка во областа на личните финансии, пари и банки, заедно со осврт кон прашањата за квизот, од страна на главниот економист, Анета Крстевска. Материјалите за подготовка за квизот од Комисијата за хартии од вредност беа презентирани од страна на Ивана Бољат.

На координаторите им беше укажано и за севкупната административна процедура за одржување на квизот. Натпреварот за Европскиот квиз на парите ќе се одвива во три фази. На 13 март ќе се спроведе првиот подготвителен тест во рамки на пријавените одделенија, односно класови, а една недела подоцна ќе се одржи и вториот подготвителен тест. Најдобрите по овие два теста ќе настапат на финалниот натпревар, којшто ќе се одржи во Скопје на 27 март, по кој ќе бидат познати двајцата најдобри ученици кои ќе ја претставуваат земјата на Европскиот квиз на парите во Брисел, на 7 мај годинава.

Се очекува дека овие активности поврзани со квизот значително ќе придонесат за подигнување на нивото на финансиска едуцираност на најмладите од земјава.

Треба да знаете
Последни објави