Search

Одлуките за исплата на субвенции за лозарите се донесени пред распишување на изборите, реагира Платежната агенција

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, преку соопштение ја информира јавноста дека обештетувањето на лозарите по основ на долгот што винарските визби го имаат кон нив за предадено грозје е извршена во сосема законска постапка, и тоа врз основа на одобрени средства во Буџет на АФПЗРР за 2019 – та година, и Одлука на Владата на Република Северна Македонија, која претставува помош на лозарите кои ги исполниле сите критериуми утврдени во Закон за земјоделство и рурален развој.

-На 4 февруари 2019 година, Собранието ги усвои измените на Законот за земјоделство и рурален развој, со што се исполни и правниот основ за државата да ги обештети лозарите. На 7 февруари 2019 година, на вонредна седница, Владата ја донесе предлог Одлуката за утврдување на обештетувањето како мерка за исплата за продадено винско грозје. Овие Одлуки се донесени пред распишувањето на претседателските избори. Со оваа исплата не се покриваат долговите на приватните фирми кон лозарите, туку оваа исплата претставува субвенција од страна на државата за да се ублажи штетата која ја претрпеле лозарите со неисплаќањето на средствата од страна на винарниците, стои во реакцијата на Платежната агенцијата на денешната одлука на Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси да отвори постапка за одлуката за испалата на овие субвенции.

Со оваа интервенција, се додава, не престанува обврската на приватните фирми за целосна исплата на долгот што го имаат винариите.

Воедно, посочуваат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Уставниот суд на ден 17.05.2017- та ја укина одредбата од Изборниот законик за забрана за исплата на субвенции.

-Во образложението на одлуката на Уставниот суд се наведува дека забраната за исплата на субвенции е ограничување на правата на граѓаните корисници на субвенции и нивното легитимно очекување дека дел од вложените средства во нова реколта ќе им биде вратена преку субвенции. Со утврдување на забраната за исплата само на субвенциите кои не се редовни месечни исплати, овие корисници на државна помош се ставени во нееднаква положба со останатите корисници на државна помош, поради што оспорената одредба исто така не е во соглсност со уставното начело на еднаквост на граѓаните од членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија. Ова неправедна ситуација во која беа доведени земјоделците беше основна причина за Одлуката на Уставен суд со кои се укинаа одредбите од Изборниот законик кои ја забрануваа исплата на субвенции во изборен период, стои во соопштението од Платежната агенција.

Антикорупциската комисија, денеска на седница по приговор од ВМРО – ДПМНЕ, заклучи да се иницира постапка за утврдување одговорност за Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој – Скопје, која исплатила вкупно 77 милиони денари на над две илјади лозари за откуп на винско грозје од реколтата 2014-2015 година од приватните винарии „Повардарие” и „Стефанс”. Според ДКСК не се работи за тековни односно редовни исплати.

Треба да знаете
Последни објави