Search

Одлуката на Бугарија е неуспех за ЕУ, македонскиот идентитет и македонскиот јазик не се предмет на преговори, ќе продолжиме да бараме решение за нашата незаменлива европска иднина

До сега не се создадоа соодветни услови за да се надминат новите бугарски барања и заради тоа, Република Бугарија одлучи дека во овој момент нема да ја одобри нашата преговарачката рамка во ЕУ. Тоа е неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи.

Задршката на Бугарија да ја одобри преговарачката рамка не е во духот на добрососедските односи. Ваквиот став на бугарската Влада е спротивен на членот 2 од Договорот за пријателство од 2017.

Нашата позиција е јасна: ние сметаме дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања. Преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнувањето на европските стандарди.

Ние сме сигурни во тоа кои сме и што сме. Од секогаш сме биле Македонци коишто зборуваат македонски јазик, со силно чувство на самоопределување околу кое не може да се преговара и кое не може да биде доведено во прашање. Македонскиот идентитет и македонската национална свест биле отсекогаш високо изразени и на научно и на духовно ниво. Така е и денес, така ќе биде секогаш.

Но, истовремено сме особено горди и на нашата смиреност и на нашата национална и политичка големина во овој тежок период за нас. Тоа е одлика на вистински Европејци, тоа е одлика на Македонците.

Македонија и Бугарија се блиски држави, а македонскиот и бугарскиот народ отсекогаш биле исклучително блиски, а сега сме и сојузници во НАТО. Ние сакаме нашите односи уште повеќе да ги подобруваме, со взаемна почит и разбирање.

Имаме заеднички геополитички интереси, за самите себеси, но и за регионот. Наш заеднички интерес е целиот Балкански регион што побрзо да се интегрира целосно во ЕУ, да се поврземе инфраструктурно, преку Коридор 8, да овозможиме полесен проток на луѓе, идеи, стоки и капитал, да изградиме добри услови за бизнисот, да ги зголемиме инвестициите – тоа е вистински патриотизам и лидерство.

Благодарни сме на зајакнатиот ангажман на германското претседателсто со ЕУ, како и на личниот ангажман на канцеларката Меркел. Вложивме сериозни дипломатски напори да создадеме услови минатото да не биде кочничар на иднината.

Ќе продолжиме интензивно да разговараме во интерес на нашата европска иднина при што сметаме дека решение е можно само ако од тоа решение двете страни излезат како победници, затоа бараме „win-win“ позиција.

Упатуваме голема благодарност до сите наши граѓани од сите етнички заедници во Северна Македонија и до сите политички претставници на различните заедници во земјата, за поддршката која се дава на македонскиот народ во овие моменти со цел заштита на македонскиот идентитет и за останувањето посветени на европскиот пат.

Нашата Влада останува на истиот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ. Ќе продолжиме со реформите со силен интензитет. Наша обврска е да ги спроведеме европските стандарди дома. За нас нема друг пат, нема друга алтернатива. Патот ни е многу трнлив и полн со предвидливи и непредвидливи предизвици. Но, нема откажување. Реформите продолжуваат.

За крај, потенцираме дека нема ни трошка вистина во манипулациите кои ги пласираат дел од опозициските партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ, за наводно “распродавање на македонскиот идентитет”.

Апелираме до раководството на ВМРО-ДПМНЕ да престанат да се радуваат на тешките моменти во кои се наоѓа државата и да го препознаат моментот кога одредени национални прашања ги надминуваат границите на вообичаените партиски пресметки.

 

 

Треба да знаете
Последни објави