Search

Одликување на Бигорскиoт манастир „Свети Јован Крстител” со Орден за заслуги за Република Северна Македонија

 Претседателот Стево Пендаровски денеска го одликува Бигорскиoт манастир „Свети Јован Крстител” со Орден за заслуги за Република Северна Македонија,  за зачувувањето и за продолжувањето на илјадагодишната традиција и за придонесот во негувањето на духовното и на културно-историското наследство, за грижата за уметничките реткости и за постојаните социјални и хуманитарни активноси.

Почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија,

Почитуван Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустиниана Прима,

Почитувани членови на бигорската обител,

Почитувани претставници на религиозните заедници,

Уважени гости,

Дами и господа,

Нашата генерација има извонредно ретка можност да биде сведок на еден импресивен јубилеј каков што е 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител. Честа за мене е уште поголема што како претседател имам привилегија на манастирот да му доделам високо државно признание.

Бигорскиот манастир, надвор од било какво сомнение, е едно од нашите најголеми духовни светилишта, кое низ вековите, и денес, во континуитет претставува извор на писменост, на култура и уметност.

Бигорски не е само православен манастир и христијанско светилиште, тој од секогаш бил прочуен како место каде што помош, поткрепа, човечки збор и утеха можеле да најдат сите, без разлика на нивната верска, етничка или било каква друга припадност. Историјата на манастирот, но, не помалку и неговата денешна, жива духовна и културна мисија и ангажман, лесно ги надминуваат државните граници и ги сплотуваат и обединуваат луѓето што е сигурно најблагородната можна кауза во светот од кој сме дел.  

И да имате најдобра намера и желба, невозможно е само во неколку минути да ја опфатите илјадагодишната историја и традиција на овој храм  и да кажете доволно за сите аспекти кои го прават делото на Бигорскиот манастир толку посебно и вредно. За дел од нив чувме во најавата на почетокот, за дел сме имале можност да читаме во старите ракописи, во дел се имаме самите уверено со свои очи, но, бездруго има и делови кои допрва ќе ги откриваат генерациите по нас. Впрочем, манастирот, на радост на сите нас, продолжува да живее, да создава добрини и да остава вредности. Повеќе од убеден сум дека и во вториот милениум од своето постоење, традицијата ќе биде продолжена, а сите ние ќе бидеме задолжени со нови културни и духовни подвизи и дела, достојни за почит.

Драги пријатели,

За жал, и покрај убавите настани и јубилеи како овој денешниов, оваа година, 2020-та, ќе ја паметиме и по пандемијата која од темел го промени нашето животно секојдневие. Живееме во страв и претпазливост поради вирусот, додека сме соочени со разорните економски последици што тој ги предизвикува. Меѓутоа, токму во вакви моменти, повеќе од било кога, ни е потребна верба, солидарност и меѓусебна почит, грижа и внимание, љубов и подарување кон блиските, кон сиромашните, кон ранливите.

Навикнати на комотноста и рутината на животот, секоја промена од овој ранг, ја доживуваме фаталистички и многу полесно од порано, дозволуваме да не совладаат нетрпеливоста, гневот, фрустрациите. Меѓутоа, токму илјадагодишната приказна на Бигорски не подучува дека животот не е само мед и млеко и дека како што вели народната мудрост, во секое лошо има и по нешто добро. Човековата историја памети и други апокалиптични собитија, но, човечкиот род секогаш излегувал возобновен со нови животни искуства. Така ќе биде и овојпат. Во борбата за порадосен и поисполнет живот, моќта на вековните крепости каков што е Бигорски, сигурно можат да ни послужат како дополнителна инспирација.  

Дозволете ми, на самиот крај, на сите  да ви посакам добро здравје и благосостојба, а на свештената  бигорска  обител и на отецот Партениј да им се заблагодарам за се што чинат за да ја сочуваат традицијата и нашето културно и духовно богатство, но и за нивните напори во служењето на сите оние кои доаѓаат во манастирот за да најдат мир, благост и поткрепа. Ви посакувам и во наредното илјадалетие, вие и вашите духовни наследници да останете верни на традицијата на тоа свето место со толку големо значање за виталноста на целиот наш народ. 

Треба да знаете
Последни објави