Search

Одбиено барањето на Камчев за изземање на Стефанова и Димишкова, утре ќе знае дали останува без пасошите

Бизнисменот Орце Камчев побарал изземање на обвинителката Лиле Стефанова од истрагата за случајот „Империја“, a од постапување во предметот барал да се тргне и судијата на претходна постапка, Весна Димишкова, објави Фокус.

Камчев барањата за изземање ги поднел бидејќи според него и обвинителката и судијката се вмешани во случајот „Рекет“, поради што и во текот на своето сведочење пред судот ги спомна во неколку наврати, со коментар дека според него на обвинителната клупа требало да седнат уште неколкумина обвинети. Сепак, уште пред еден месец неговите барања за одземање биле одбиени.

По барањето за изземање на обвинителката Стефанова решавала шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, а за судијката Димишкова одлучувал претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев.

Во меѓувреме, адвокатите на Камчев ја дополниле понудената гаранција во жалбата пред Апелациониот суд од кој бараат да му ги врати одземените пасоши, македонскиот и бугарскиот.

Откако во ноември, скопскиот кривичен суд го одби барањето на Камчев со понудена кауција од имот вреден 2,2 милиони евра, во жалбата до второстепениот суд тој ја зголемил сумата за уште цел милион евра. Во постапката тој на првично понудениот имот, фабрика во Делчево и деловен простор во центарот на Скопје, дополнително пред апелација понудил уште дуќани во главниот град кои се во сопственост на фирми на Камчев.

Рочиштето на кое Апелација ќе одлучува за  пасошите ќе се одржи утре.

Треба да знаете
Последни објави