Search

Одбиени апликанти на средба со министерот за култура Адеми

Министерот за култура Асаф Адеми денеска имаше средба со дел од апликантите чии проекти поради формални недостатоци беа одбиени на годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата за 2019 година. На средбата, како што соопшти Министерството за култура, тој им ја објасни постапката на разгледување на пријавите и причините за одбивање на нивните пријави.

-Со оглед на тоа што комисиите за дел од одбиените пријави при ревизијата на резултатите од годишните конкурси утврдија дека станува збор за проекти кои се од национален интерес во културата, а во согласност со Законот за општата управна постапка, на субјектите кои доставиле пријави на годишните конкурси им се дава можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци. Министерството за култура ја информира јавноста дека постапката за разгледување на пријавите доставени на годишните конкурси е во согласност со Законот за културата и дека при одлучувањето комисиите не подлегнувале на какви било притисоци, туку се раководеле според пропишаната норматива поврзана со годишните конкурси, соопшти Министерството за култура.

Според Законот за општата управна постапка, министерот има рок до 11 март да ги донесе решенијата за проектите кои се поддржани, односно одбиени на годишните конкурси.

На средбата во Министерството за култура присуствуваа дел од операторите во културата, а писмо со барање за доставување дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци ќе биде испратено до сите учесници на годишните конкурси чии проекти се одбиени од формални причини, а за кои комисиите утврдиле дека се во функција на развој, афирмација и промоција на културата и кои имаат предуслови да бидат избрани за проекти од национален интерес во културата за 2019 година.

Треба да знаете
Последни објави