Search

Одбележување на 230-годишнината од основањето на Стејт Департментот

Денес во Министерството за надворешни работи, во присуство на министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров и амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Скопје, Кејт Брнз беше свечено одбележана 230-годишнината од основањето на американскиот Стејт Департмент. По овој повод, министерот Димитров и амбасадорката Брнз отворија  изложба на избрани фотографии кои сведочат за континуираното пријателство меѓу двете земји од воспоставувањето на дипломатските односи до денес.

МНР Димитров, во своето обраќање се осврна на билатералните односи засновани на споделени вредности и стратешко партнерство. Тој ја истакна значајната улога на колегите од американскиот Стејт Депертмент, кои низ изминативе 25 години ја поддржуваа и помагаа во надминување на предвизиците со кои се соочуваше земјата. МНР Димитров:  „Имаше моменти кога нашите пријатели и колеги од Стејт департментот играа клучна улога помагајќи ни да ги надминеме пречките на нашиот пат кон градење посилна земја, динамична демократија и општество. Благодарни сме им на Соединетите Држави што беа на наша страна во текот на сите овие години.  Фотографиите изложени околу нас се неподвижни, а сепак живописни слики на едно динамично минато, исполнето со важни настани како доказ за цврсто воспоставеното пријателство и соработка. Многу од нив поттикнуваат лични емоции и спомени на работење со истакнати американски дипломати во текот на мојата кариера.”

Воедно, Министерот се заблагодари и оддаде признание на сите кои со својата работа, личен ангажман и посветеност, оставија „значајно и трајно камче во мозаикот на односите и соработката меѓу двете пријателски земји. Секако, има уште многу други – дипломати, амбасадори, министри, политичари, бизнисмени, академици, студенти и пријатели, на кои денес оддаваме благодарност и кон кои се обврзуваме да продолжиме да работиме во корист на доброто за иднината на нашите две земји и народи” – истакна МНР Димитров. Амбасадорката Брнз се заблагодари на министерот Димитров и Министерството за надворешни работи за ко-организацијата на овој настан, истакнувајќи, меѓу другото, дека четвртина столетие на соработка и поддршка од САД, е демонстрација на цврстата определба во остварувањето на заедничката визија за безбедна и просперитетна држава.

На настанот присуствуваа претставници од државни, невладини, образовни и други институции од Република Северна Македонија, од Амбасадата на САД, поранешни министри за надворешни работи и амбасадори, како и други гости кои со својата работа и ангажман придонеле во унапредувањето на односите меѓу двете земји.

Треба да знаете
Последни објави