Search

Одбележани 13 години од смртта на Слободан Милошевиќ без државна делегација

Во Србија денеска се одбележуваат 13 години од смртта на поранешниот претседател Слободан Милошевиќ, но без присуство на државна делагација.

На гробот на Милошевиќ во родниот Пожаревац почест му одадоа од неговата Социјалистичка партија на Србија (СПС), генералниот секретар Никола Шаиновиќ и Милутин Мркоњиќ,.

Делегација на Движењето на Србија (ПС) положи венци кои лично ги испрати министерот за одбрана Александар Вулин, а венци положија и од Српската радикална партија (СРС).

Делегацијата ја предводеше заменик-претседателот на партијата Немања Шаровиќ, кој изјави дека е жално што на гробот на Милошевиќ има многу малку луѓе на денот на неговата смрт и дека нема државна делегација.

– Заборавен е фактот што Слободан Милошевиќ беше избран на директни избори во неколку наврати и освои огромен број гласови. Се оддава почест на оние кои не направиле ништо добро за Србија и многу повеќе лошо, како што е случајот со Зоран Ѓинѓиќ, рече Шаровиќ.

Слободан Милошевиќ, повеќегодишниот лидер на Србија во период на распаѓањето на Југославија и потоа за време на воениот конфликт во 90-те години, на 28 јуни 2001 година, беше екстрадиран во Меѓународниот трибунал за воени злосторства во Хаг, каде што почина на 11 март 2006 година. Против него се водеше судски процес по обвиненија за злосторства во Косово, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Во Србија утре се навршуваат и 16 години од убиството на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ, а како што е најавено премерката Ана Брнабиќ со членовите на Владата ќе положат венци на местото на неговото убиство, на влезот во Владата.

Поранешниот шеф на кабинет и близок соработник на Зоран Ѓинѓиќ, а сега член на претседателството во владејачката Српска напредна партија (СНС) во пресрет на одбележувањето, изјави дека „денес Ѓинѓиќ би бил со Александар Вучиќ”.

Треба да знаете
Последни објави