Search

Одбележани патрониот празник и 75 години од основањето на НУБ „Св. Климент Охридски”- Скопје

Јавните библиотеки, музеите и архивите да бидат слободни и пристапни за граѓаните и без влијание и притисоци да можат да размислуваат и одлучуваат за своите права и определби, изјави поранешниот директор на НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје, Борко Зафировски, на одбележувањето на патрониот празник и 75-годишнината од основањето на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”.
Тој на политичарите им порача да го насочат вниманието кон значењето на овие институции и институти.
– Не ги злоупотребувајте, не ги уништувајте нивните ресурси. Вложете го долгот кон нив со кадровски, технички и финансиски придонеси и проекти. Часот е деликатен. Признаваме, заостануваме зад светските процеси. Има вина и пропусти. Има лични, неуки и алчни појави, има и недоветни, недораснати, суетни и лицемерни, а најчесто со политички кумства. Вложете искрено во мотивацијата на овие луѓе, чувари на вистината за нашата вековна, децениска, асномска, модерна и европска држава. Вложете во покривот, во читалните, во застарените компјутери и во формалната електроника и дигитализација, рече Зафировски, додавајќи дека НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје треба и мора да биде центар на се што е вредно, значајно, документирано и создадено.
Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски”, Фримзим Даути се осврна на традицијата на библиотеките во нашата држава и потсети дека во библиотеката се чуваат многу стари ракописи кои датираат и од 13 век.
– Богатиот фонд на Националната библиотека која содржи ракописи на старословенски, арапски, персиски, османски, латински, албански и други јазици ни дава чувство на особена гордост, рече Даути.
По повод празникот цвеќе на споменикот на Св. Климент Охридски пред Народната и универзитетска библиотека во Скопје, положија владина делегација предводена од министерот за култура Хусни Исмаили, во придружба на заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска и националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, собраниска делегација, делегации од Кабинетот на претседателот Пендаровски и на повеќе амабасади.
Присутните можеа да погледнат видео презентација со архивски фотографии и скенирани материјали и комбинирана изложба со фотографии и со ексклузивни материјали од специјалните збирки во НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје.
На повеќе од 75 фотографии прикажани се сите фази на развојот на НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје, од првичниот објект во кој била сместена библиотеката по ослободувањето, преку специјално изработениот наменски објект во кој е преселена во 1972 година, се до дигиталната библиотека што е доградена пред десетина години. Низ фотографиите се претставени активностите, работната атмосфера и настаните организирани во НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје.
Претставени се фондовите на НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје, меѓу кои се примероци од старословенски и ориентални ракописи, стари ретки книги и списанија, најстарите музички записи, песни од еминентни автори напишани со нивни ракопис, односно уникатни материјали, постари и понови изданија на оваа библиотека, како и трезор на културните вредности од најстари времиња до денес.
Во рамки на одбележувањето, претседателот на Библиотекарското здружение на Македонија Јана Михајловска – Иванов им додели награди на Градската библиотека „Браќа Миладиновци” од Скопје и на Општинската народна библитека „Браќа Миладиновци” од Радовиш, кои се добитници на признанието „Библиотека на годината” за 2019 година. Овие две библиотеки добиваат признание поради еднаквоста во достигнувањата кои ги имаат реализирано со своето библиотечно работење во средината каде библиотеките дејствуваат.
За успешната соработка и поддршка, НУБ им додели благодарници на Министерството за култура, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Амбасадата на НР Кина, Институтот „Јунус Емре” и на Институтот „Данте Алигиери”, со кои имаат реализирано заеднички проекти и на Управата за заштита на културното наследство и на Библиотекарското здружение на Македонија, со кои имаат континуирана соработка.
Им беа доделени традиционалните награди на вработените кои одбележуваат 10, 20 и 30 години работен стаж во НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје, како и на вработените кои се пензионирале во текот на 2019 година.

Треба да знаете
Последни објави