Search

Огнен Неделковски: Кога син ми ќе направи песна што не ми се допаѓа му велам дека јас сум само обичен текстописец

„Сакам да живеам“ во изведба на Нокаут победи на Макфест. Тандемот татко и син се покажа како добитна комбинација и клуч за сигурен успех. 24 инфо ги праша таткото Огнен Неделковски и синот Филип дали се надевале на победа, како дошло до соработка со Нокаут и што следно да очекуваме од нивната работилница. 

– Знаевме дека имаме одлична песна. Бевме свесни за тоа. И со Пере разговаравме на таа тема. Секогаш е тешко да се победи на фестивал каков што е Макфест. Треба да се поклопат многу работи. Јас го следам овој фестивал од 1986 година и добро знам дека некогаш не победувала најдобрата песна. Се надевавме дека нашата песна ќе биде во првите пет, но, како наближуваше денот Д, Филип имаше силно пречуство дека ќе победиме. Јас, се разбира, му велев да не очекува премногу, за да не се разочара од евентуалниот лош пласман на песната. За среќа, Филип беше во право и ја освоивме првата награда на Макфест 2020. Инаку, успехот е релативна работа. Секоја победа е пријатна, зашто за кратко те искачува на врвот, но, за нас авторите е најважно песните да живеат долго, долго. Се надевам дека „Сакам да живеам“ ќе го пронајде патот до срцата на публиката и дека ќе стане евергрин. Во таа смисла, се подготвува и високобуџетен спот за песната.

 Како течеше соработката со Филип, има ли граници додека работите меѓу приватното и професионалното?

– Кога соработуваме, а тоа е речиси секој ден, јас заборавам дека тој ми е син. Или глумам дека заборавам. Го насочувам, го советувам, се обидувам да го искористам моето 30 годишно искуство на естрадата и да му дадам некоја бесплатна лекција. А најсреќен сум кога ќе добијам некоја негова нова песна, која мене многу ми се допаѓа и кога треба да му напишам текст. Летам од радост. Се трудам да го извлечам најдоброто од себе и неговите песни да ги имаат моите најдобри стихови. Филип ми верува, многу ме цени како автор  и никогаш не се случило да не му се допадне некој од моите стихови што сум ги напишал за неговите мелодии. Инаку, кога Филип ќе создаде некоја мелодија набрзина и кога очекува да му кажам дека создал музичко ремек дело, јас му ја кажувам мојата омилена реченица: „Јас не се разбирам од музика. Јас сум обичен текстописец.“ Знам дека тоа многу го нервира, ама сакам да го научам дека првите мачиња се фрлаат во море и дека треба многу работа за да се создаде добра песна. Иако, добро знам дека некогаш најдобрите песни за раѓаат за еден миг, буквално истекуваат од срцето на авторот. Понекогаш знаеме и да се поткараме и тогаш е навистина весело. Се разбира, Соња е секогаш на негова страна.

Како дојде до соработка со „Нокаут“?

– Филип ја создаде хармонијата и основната мелодиска линија на „Сакам да живеам“ пред три години. Првично песната беше наменета за еден друг познат пејач, но, времето поминуваше, а тој не покажуваше желба и намера да ја сними. Тајниот сојуз во нашиот дом, во кој се редовно Соња и Филип, одлучил, без мое знаење, да му ја прати демо снимката на мејл на Никола Перевски, со надеж дека ќе истата му се допадне и дека ќе ја сними за Нокаут. Во тоа време, песната имаше сосема друг текст. На општо задоволство, на Пере многу му се допадна атмосферата во тоа што го создаде Филип и јас добив зелено светло да напишам нов текст. Тоа е најлесниот момент за мене, кога песната зависи од моите зборови. Многу брзо го напишав текстот, кој после три години и после безброј верзии, се покажа многу пророчки за животот на Пере и остана конечен текст. Потоа Пере ја прилагоди малку мелодијата на сензибилитетот на групата Нокаут, направи извонреден аранжман, а Дарко Димитров го зададе завршниот продуцентски удар. И добивме супер песна, на која сме многу горди.

 Од каде инспирација за песната?

– Од секојдневниот живот. Се шегувам. Ударните стихови од рефренот „Сакам да живеам за да те опеам, сведок е Бог колку сум твој“ доволно зборуваат кому е посветен текстот. Ама, инспирацијата за текстот тоа не можеше да го препознае цели три години, зашто беше фокусирана само на мелодијата на нејзиниот син. Дури откако победивме, ја прашав: „Соња, дали конечно сфати за кого е овој текст?“ Малку се замисли и скромно рече: „Па, за мене.“ И погоди. Инаку, навистина не знам како Филип ја доби инспирацијата за ова мало музичко ремек дело. Пере ја отпеа фантастично и ја посвети на неговата Јована.

 Што да очекуваме следно од работилницата на таткото и синот?

– Ние постојано создаваме песни со Филип. Веќе важиме за интересен тандем. Во поп музиката, но и во фолк водите. А имаме и неколку детски песни. Досега заедно имаме направено 15 песни, кои се изведени на Макфест, Охрид фест, Лешок фест, Роса фест… Наши песни досега испеаа: Ѓорѓи Димитров, Мартина Митревска, Ивона Јовановиќ, Игор Узунов, Денис Димоски, групата Соната, а Нино Величковски испеа дури 4 наши песни. Веќе е готова нашата песна за јубилејното издание – 50 години „Златно славејче“, а имаме интересен дует и за следното издание на Фолк Фест Валандово. Се надеваме дека ќе создадеме уште некоја песна за новиот албум на Нокаут, кој е во подготовка. 

(В.А.)

Треба да знаете
Последни објави