Search

Овчарите ќе ги дефинираат барањата за одржливо овчарство

Сојузот на одгледувачи на овци денеска во Тетово ќе одржи состанок на кој треба да се разгледаат можностите за одржливост на овчарството.

Според претседателот на Сојузот, Никола Георгиев, во игра се две опции: зголемување на субвенциите за 800 денари по грло или воведување интервентна мерка  – поддршка за предадено грло во кланичен капацитет. Која од нив ќе биде преточена во барање до државата, ќе се знае по состанокот.

– Не можам да прејудицирам колкава поддршка ќе бараме зашто загубите во производството се различни зависно од регионот. Ќе почекаме за тоа оценка да даде Институтот за сточарство. Според нашите пресметки, би требало да биде 40 денари за килограм предадено јагне во капацитет или околу 1.000 по грло предадено во кланичен капацитет, вели Георгиев за МИА.

Колкаво да биде зголемувањето на субвенциите би требало најреално да се знае по 30 јуни, до кога е пролонгиран и рокот за пријавување. Како што додава Георгиев, пријавувањето всушност ќе ја прикаже бројната состојба на овците во земјава.

На состанокот во Тетово, покрај одгледувачите на овци ќе присуствуваат и претставници од Министерството за земјоделство и од Јавното претпријатие за пасишта. Освен за актуелната состојба во овчарството, ќе стане збор и за претстојните Овчарски денови кои традиционално се одржуваат секој 7 јули на Бистра. 

Треба да знаете
Последни објави