Search

Објавување на номинациите за „Оскар”, „Медена земја” во потесен избор во две категории

Американската филмска академија денеска треба да ги соопшти номинациите со петте кандидати во трка за „Оскар” за церемонијата на доделување на престижната награда која ќе се одржи на 9 февруари во Лос Анџелес. Нашиот наградуван филм „Медена земја” е во потесен избор во две категотрии – за најдобар документарец и за најдобар странски филм.

Членовите на Академијата до 7 јануари 2020 година гласаа за потесниот избор на филмови во девет категории откако скратените листи беа објавени на 16 декември.

Во категоријата најдобар документарец, филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е меѓу 15 селектирани од 159 квалификувани, а во категоријата за најдобар интернационален филм е во потесниот избор во кој влегоа десет наслови од 91 пријавен.

Конкуренција на нашиот филм во оваа селекција му се новиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар „Болка и слава” и јужнокорејскиот „Паразит” на Бонг Јон-хо – минатогодишниот добитник на „Златна палма”, и уште  седум филмови од Чешка, Естонија, Франција, Унгарија, Полска, Русија и Сенегал.

Доколку „Медена земја” добие номинации за „Оскар” во двете категории, ќе биде прв македонски филм со таков успех.

Овие денови домашната публика има повторно можност да го види филмот за Атиџе Муратова, последната одгледувачка на диви пчели во Европа. Од четвртокот се прикажува во кино „Милениум”, од денеска во Кинотеката, а од 16 јануари и во киното „Синеплекс”.

Треба да знаете
Последни објави