Search

Објавен јавен повик за изградба на соларна електрична централа во Осломеј

Премиерот Оливер Спасовски денеска во присуство на министерот за економија, Крешник Бектеши, и генералниот директор на Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски, ја најави изградбата на новата соларна централа на просторот на некогашниот рудник за јаглен ТЕЦ „Осломеј“, која ќе испорачува електрична енергија за 20.000 семејства. Инвестицијата, која е конципирана како две електрани од по 50 мегавати, ќе биде по принципот на јавно-приватно партнерство во која АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер.

„Распишувањето на повикот за јавно-приватно партнерство за изградба на соларна електрична централа, со моќност од 100 мегавати, е досега најзначајниот капацитет и наш придонес кон транзицијата кон еколошки чисти и без карбонски енергетски капацитети. Работите се во тек и во текот на втората половина на оваа година, оваа централа ќе почне со производство на струја што ќе ги задоволи потребите на 2000 домаќинства“, нагласи премиерот Спасовски.

Премиерот подвлече дека Северна Македонија лани била прогласена за лидер во енергетиката и дека намерата на Владата, заедно со сите значајни партнери во оваа успешна приказна, како што се АД Електрани на Северна Македонија, АД МЕПСО и другите, е да остане на таа позиција и во идниот период.

„Наша цел е да ја направиме нашата држава една од оние европски земји кои од доминантно застапените фосилни енергенси се пренасочија кон енергетски капацитети кои ќе го користат сонцето, ветерот и водата. На местата кои некогаш беа извори на загадување, денеска никнуваат капацитети за производство на чиста, зелена енергија“, подвлече Спасовски.

Министерот за Економија, Крешник Бектеши, истакна дека со Законот за енергетика Владата воведува нов концепт за поддршка на политиките за инвестирање во обновливи извори на енергија преку премии, а воедно и преку јавно-приватно партнерство.

„До пред две и пол години имавме производство на соларна електрична енергија од само 20 мегавати, а сега ќе имаме инсталирана снага од речиси 200 мегавати. Ги повикам сите домашни и странски инвеститори да го разгледаат јавниот повик и да учествуваат на повикот за изградба на оваа голема фотонапонска централа“, рече Бектеши.

Директорот на Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски, информираше дека новата домашна инвестиција ќе се гради во кругот на РЕК „Осломеј“ во Кичево.

„Јавниот повик кој е распишан вчера и ќе трае до 8 мај ги повикува сите фирми заинтересирани да градат ваков голем капацитет од сферата на обновливите извори на енергија. Нашата нова инвестиција, која всушност е конципирана како две електрани од по 50 мегавати, ќе биде по принципот на јавно-приватно партнерство, во која АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер“, подвлече Ковачевски.

Градбата на електраните ќе биде целосно инвестиција на приватниот партнер, а проценката е дека нивната изградба ќе чини некаде до 80 милиони евра.

„Договорот за јавно приватно партнерство би бил во траење од 35 години, по што приватниот партнер е обврзан да го пренесе правото на сопственост на фотонапонските електрани и да му ги предаде во фактичко владение на јавниот партнер – АД ЕСМ, во исправна оперативна и погонска состојба“, истакна Ковачевски.

Директорот на АД ЕСМ најави дека на инвеститорот му ја отстапуваат локацијата, и други системски услуги и информации. За возврат, приватниот инвеститор ќе му исплаќа на ЕСМ годишно сума во висина од 10% од продадената електрична енергија по продажна цена според регионалната берза Хупекс.

Значаен дел од договорот ќе биде и тоа што приватниот инвеститор ќе треба да преземе 100 вработени од РЕК „Осломеј“, со што се решава и уште еден голем проблем во делот на термоелектраната.

Треба да знаете
Последни објави