Search

Објавен првиот прирачник за предавање на контроверзни теми во училница

Предавањето и дискусијата на контроверзните теми се’ уште претставува предизвик за наставниците од училиштата во нашата земја, па затоа дури 86 отсто од учениците никогаш немале можност да разговараат за тековни општествени прашања во рамки на образованието.

За да се надмине ваквата состојба, Здружението LEAD го издаде првиот прирачник за предавање на контроверзни теми во училница, наменет за наставници и целосно преведен на македонски јазик.

Прирачникот е наменет за професионален развој на наставници и е дизајниран за поддршка и унапредување на предавањето на контроверзни прашања во училиштата. Истиот содржи конкретни алатки и техники за предавање и опфаќање на различни теми, како што се религија, родови улоги, еднородителски семејства, сексуална определба, екстремизам и слични теми, во училница. Ваквиот пристап на предавање придонесува за подобрување на знаењата на учениците и за вклучување во дијалог на ученици со различни ставови и вредности, што е од клучно значење за демократскиот процес и неопходно за заштита и зајакнување на демократијата и за негување на човековите права.

„Контроверзните теми, кои ги дефинираме како теми за кои постојат спротивставени мислења во општеството и будат силни чувства кај луѓето, е значајно да се дискутираат во рамки на образовниот процес за да се поттикне дијалог за истите и да се развие свест за важноста од дискутирање кај истите кај младите, уште од најмала возраст. Избегнувањето на дискусиите на овие теми и недостигот на конструктивен дијалог за истите само води кон поделба на општеството и зголемување на меѓусебната нетрпеливост“, вели Илија Станковски, Програмски директор на Здружение LEAD.

Прирачникот „Предавање на контроверзни прашања преку едукација за демократско граѓанско и човекови права“ е оригинално издаден од Советот на Европа и преведен на преку 15 јазици во Европа. Македонската верзија на прирачникот е бесплатно достапна и може да се преземе од веб страната на LEAD на следниот ЛИНК.

Албанската верзија може да се преземе на следниот ЛИНК.

Прирачникот е изработен во рамки на проектот „Наставници за едукација, демократија и човекови права“ имплементиран од Здружението LEAD, заеднички финансиран од Европската Унија и Советот на Европа во рамки на програмата „Демократска и инклузивна училишна култура во функција“.

Треба да знаете
Последни објави