Search

Објавен конкурс за избор на иновативно претпријатие на годината

Фондацијата Претпримачки сервис за млади ПСМ објави конкурс за избор на „Иновативно претпријатие на годината” на кој ќе можат да се пријават сите компании регистрирани во државава.

Националниот конкурс „Иновативно претпријатие на годината” е признание што се доделува на иновативни македонски претпријатија кои успешно лансирале иновација во своето работење. Целта е да се промовираат успешни бизнис модели и достигнувања базирани на иновации и нови технологии од македонски компании во сите индустриски сектори. Се наградуваат иновативните компании што имаат развиено нови или значително подобрени производи, услуги и/или процеси во изминатите три години (2016, 2017 и 2018 година). Заинтересираните компании ќе можат да аплицираат за една од трите категории: старт-ап, мала и средна компанија. Конкурсот е отворен за сите индустриски сектори.

Преку награден фонд од 600.000 денари, обезбеден со поддршка на град Скопје три компании ќе бидат наградени со 200.000 денари,  наменети за унапредување на конкурентноста на иновацијата и интернационализација на бизнисот. Најдобрата компанија од секоја категорија ќе добие признание за успешност и ќе биде промовирана на првата манифестација „Иновативно претпријатие на годината” што ќе се одржи на 29 мај годинава во Скопје.

Добиените финансии компанијата ќе може да ги искористи за заштита на интелектуалната сопственост на иновацијата, посета на меѓународни саеми, конференции, б2б настани, купување опрема.

Компаниите треба да пополнат форма за апликација и да ја испратат на info@yes.org.mk најдоцна до 25 април. Конкурсот и формите за апликација се достапни на www.pretpriemac.mk/konkurs-inovativno-pretprijatie. Информативни денови за конкурсот ќе се одржат  на 5 април во Штип, 10 април во Скопје и 12 април во Охрид.

Објавувањето на конкурсот е во рамки на проектот „Јакнење на капацитетите на малите и средни претпријатија преку подобрена поддршка за иновации”, финансиран од Европската Унија.

Треба да знаете
Последни објави