Search

Објавена книга „Мост преку времето” од Билјана Жеревска

Во издание на „Дијалог” од Скопје е објавена книгата „Мост преку времето” од Билјана Жеревска, истакнато име од современото македонско телевизиско новинарство.

Книгата содржи пет поглавја со 22 сценарија на исто толку телевизиски приказни снимени и емитувани на Македонската телевизија во текот на последниве две години, поврзани со важни настани и со актуелни теми од нашата современост, интервјуа со ексклузивни светски личности, како што е папата Франциск, и за значајни личности од науката, уметноста, културата и спортот од кај нас и од светот кои постигнале исклучителни успеси, како и патописи од интересни туристички дестинации.

Сценаријата се остварени во соработка на МРТ со Британскиот совет и Амбасадата на Турција во државава, Македонскиот народен театар, Градската библиотека „Браќа Миладиновци” од Скопје, Европскиот универзитет, ЕСРА, со верските поглаварства и со други институции и установи.

Рецензент на книгата е Панде Колемишевски, поранешен директор на „Нова Македонија”, колумнист, публицист и фељтонист, кој укажува дека „станува збор за книга која ја насочува светлината и го става фокусот врз вистинските човечки вредности. -Таа е впуштање во проверката на патот преку кој се остваруваат животните соништа на храбрите и неуморните и е креативен напор за откривање на она што е скриено од јавноста, преку потенцирање теми значајни за целата заедница и за зајакнување на духовното единство. Овие сценарија се само дел од знаците на нашето време и се мост преку времето за следните генерации, вели рецензентот.

Авторката Билјана Жеревска дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје. Работи како уредник на емисии во Редакцијата за култура во Македонската телевизија. Авторка е на многубројни тематски емисии, интервјуа и репортажи од земјата и странство, како и на книгата „Ракопис на светлината”.

Треба да знаете
Последни објави