Search

Обраќање на претседателот Пендаровски на панел-дискусија на тема „Правата на помалобројните заедници во нашата земја”

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска се обрати на панел-дискусијата на тема „Правата на помалобројните заедници во нашата земја”.

Во својот говор претседателот Пендаровски нагласи дека претстојното официјализирање на нашето полноправно членство во НАТО како и процесот на пристапување кон ЕУ, треба да бидат дополнителен мотив за засилување на кохезијата во нашето општество. Ние, подвлече Претседателот, немаме друга алтернатива освен градењето на едно општество за сите, во кое сите ќе имаат еднаква шанса за просперитет.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитуван директор на Агенцијата за остварување на правата на  заедниците,

Почитуван заменик на претседателот на Владата,

Почитувани министри во Владата,

Почитувани екселенции,

Дами и господа, драги пријатели,

Благодарам за можноста да се обратам на панел-дискусијата „Правата на помалобројните заедници во нашата земја”. Симболиката на одржувањето на овој панел токму на 10 декември ‒ Меѓународниот ден на човековите права е голема и нè обврзува дополнително, сериозно да пристапиме кон темата за која денеска дебатираме.

Неспорен факт е дека нашата земја напредуваше многу во последните две децении во однос на правата на заедниците. Тоа беше резултат на политичката волја, на законските решенија, на демократското зреење на државата, на усвојување на европските стандарди, но, и природен тек на традиционално добриот соживот, меѓусебното почитување и разбирање меѓу нашите граѓани.

Сепак, мораме да бидеме објективни и да кажеме дека, како и во многу други области, недостасува почитување и доследна имплементација на законската регулатива. Изговорите кои најчесто ги слушаме се поврзани со недостатокот на финансиски средства, но од она што сите можеме да го видиме, навистина не станува збор за големи суми на пари, особено за така важна област. Сакам јасно да порачам дека државата мора да посвети повеќе внимание и, пред сè, ресурси за имплементација на правата на заедниците. Не смееме да правиме компромиси и импровизации кога станува збор за правото на образование на мајчин јазик, за зачувување на културата и традицијата на сите помали заедници.

Притоа, верувам дека клучна е правичната застапеност во институциите. Не би сакал да звучам како ништо да не е направено досега на ова поле, затоа што многу работи се направени, туку сакам да поттикнам доследно и до крај да се имплементира правичната застапеност во администрацијата и да важи подеднакво за сите етнички заедници.

Почитувани,

Претстојното официјализирање на нашето полноправно членство во НАТО како и процесот на пристапување кон Европската унија, треба да бидат дополнителен мотив за засилување на кохезијата во нашето општество. Ние немаме друга алтернатива освен градење на едно општество за сите, во кое сите ќе имаат еднаква шанса за просперитет. Тоа не треба да го правиме за политички или маркетиншки цели или поради тоа што некој друг го бара од нас, туку затоа што тоа е реална потреба на нашите граѓани за нивен личен, но, и за севкупен општествен развој. Ние сме мала земја и сите граѓани ја делат заедничката судбина.  Доколку нашите соседи, нашите најблиски се несреќни, не можеме ниту ние да бидеме среќни.

Во тој контекст сум убеден дека одговорноста на припадниците на поголемите заедници е клучна за почитување на правата и потребите на припадниците на помалите заедници. Токму Агенцијата за остварување на правата на заедниците е институцијата која има цел и задача да овозможи поголема интеграција на припадниците на заедниците, како рамноправни граѓани на Република Северна Македонија, во сите сфери на општествениот живот, притоа внимавајќи да се зачуваат нивните етнички и културни специфики. Се надевам дека една деценија по нејзиното формирање, Агенцијата за остварување на правата на заедниците, конечно, кадровски ќе се доекипира и ќе добие соодветен буџет за непречено и целосно остварување на целите заради кои и беше формирана. Кон таа цел треба да придонесе и новиот предлог-закон за правата на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Северна Македонија и кој во моментов е во собраниска процедура. Практично со овој закон, Агенцијата ќе добие инструменти и капацитет да ги реализира своите  надлежности во контекст на следење, заштита и надзор врз спроведувањето на законите кои ги уредуваат правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во државата.

Драги пријатели,

Дозволете во оваа прилика да го споделам мојот став и за иницијативата за  измени и дополнувања на Законот за празници, според кои се предлага воведување на десет нови празници за заедниците кои во Преамбулата на Уставот се наведени како „други”. Можеби овие заедници се квантитативно мали, но придонесот на секој нивен припадник за напредокот на нашето општество е квалитативно еднаков со придонесот на припадниците на побројните етнички заедници. Имено, предлогот предвидува и останатите граѓани, припадници на помалите заедници да имаат свој неработен ден, датум што е битен за нивната историја, традиција и култура. Овој предлог заслужува поддршка затоа што е дефинитивно во духот на градење на општество на еднакви граѓани. Поради тоа и очекувам да се најде во собраниска процедура и да биде усвоен.

На крајот дозволете ми уште еднаш да ви се заблагодарам за поканата да бидам денес со вас. Ви посакувам успешна работа!

Треба да знаете
Последни објави