Search

Обвинувања до британската влада за смртта на бебето на Шамима Бегум

Новородениот син на Шамима Бегум, Британката која се приклучи кон Исламска држава, почина неделава во бегалски камп во Сирија, од воспаление на белите дробови, јави Би-Би-Си. Бегум на 15-годишна возраст ја напушти Британија за да се придружи на Исламска држава.

Британскиот министер за внатрешни работи, Сајид Јавид и го одзеде британското државјанство кога по раѓањето на синот побара да се врати во земјата и сега е изложен на критики поради смртта на нејзиното бебе.

Семејниот пријател ја обвинува Британија дека не го заштитила детето, а лабуристите оценија дека смртта на бебето е последица на нехумана одлука.

Конзервативниот пратеник и поранешен министер за правда, Филип Лее ја повика владата да размисли за својата морална одговорност за оваа трагедија.

Од друга страна, портпаролот на британската влада изјави дека смртта на детето е трагична. Додаде дека владата постојано ги советувала нејзините државјани да не заминуваат во Сирија и нагласи дека и понатаму ќе прави се што може за да ги спречи луѓето да бидат вовлечени во тероризам и да патуваат во конфликтни подрачја.

Бегум која ја напуштила земјата во 2015 година со две пријателки од училиштето, ја пронајде новинар на „Тајмс“ во сириски бегалски камп. Таа му кажа дека живеела со сопругот кој бил дел од Исламска држава и веќе загубила две деца поради тешките услови за живот.

Таа вели дека не жали што се приклучила кон Исламска држава, но смета дека на калифатот му се ближи крајот. Недолго по раѓањето на синот, за Би-би-си рече дека сака детето да биде Британец и да расте во Велика Британија.

Треба да знаете
Последни објави