Search

Обвинителство чека извештај од МВР за случајот Богоевски

;

Обвинителство ќе чека известување од МВР за да постапи по пријавата на Павле Богоевски за неовластено снимениот разговор како што тврди пратеникот. Дотогаш МВР ќе ја истражува снимката во која Богоевски договара купување на нарокотични средства и ќе утврдува дали е сторено кривично дело, велат од Обвинителството.

– Околу снимката од разговорот која беше објавена на една социјална мрежа, по напатствија на ОЈО, МВР како овластен орган за откривање на сторителите на кривични дела продолжува да презема мерки и активности заради утврдување на идентитетот на сопственикот на наведениот профил на кој беа објавени снимките. Откако идентитетот ќе биде утврден и ќе бидат обезбедени релевантни докази, Министерството за внатрешни работи ќе го извести Јавното обвинителство за да преземе кривичен прогон. Околу содржината на снимениот разговор исто така ќе бидат направени проверки за да се утврди дали постојат елементи на сторено кривично дело, велат од обвинителство.

И додека институциите допрва ќе истражуваат, јавноста негодува, а редица експерти предупредуваат дека Богоевски признал дека направил кривично дело за што според законот се предвидува затворска казна. За граѓаните е неприфатливо народните избраници, кои го кројат, да не го почитуваат законот. Одговорност бара и опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат метлата на премиерот Заев треба да замете и во Собрание. Координаторот на СДСМ очекува институциите да го расветлат случајот.

– Очекуваме сите надлежни и засегнати институции да постапат и да го разрешат случајот, особено и околу неовластеното снимање и емитување. Што се однесува до моралните аспекти, тие се на личната совест и одговорност на секој пратеник. Законите важат за сите подеднакво, вели Јован Митревски.

Останатите колеги пратеници пак од мнозинството конкретно не откриваат дали Богоевски треба да понесе одговорност од морални причини, ама затоа најавуваат иницијативи за легализација на марихуаната. ДУИ пак најавија таканаречен „ветинг“, односно контрола за секој пратеник или функционер којшто врши јавна дејност, како што се судии и обвинители, за контрола во врска со користење наркотици.

Побаравме одговор и спикерот на Парламентот, Џафери. Тој пак во моментов немал основа за било каква постапка.

– Во овој момент нема основ за каква било постапка. Претседателот на Собранието очекува дека надлежните институции ќе постапуваат ефикасно и целосно ќе го расчистат случајот, велат од кабинетот на Џафери.

Богоевски вчера и сам се пријавил во полиција, правдајќи се дека нарачувал канабис за медицински цели, ама поднел и пријава за таксистот за кој тврди дека го снимал. Снимката со Павле Богоевски, експресно се рашири по социјалните мрежи. Таа беше обелоденета на руска социјална мрежа.

Ивана Соколовиќ Најдова


Извор: Алфа ТВ

Треба да знаете
Последни објави