Search

Обвинителствата лани отфрлиле 43 отсто од кривичните пријави, а притвор добиле 451 осомничен

Основните јавни обвинителства лани постапувале по 28.753 кривични пријави од кои 43 отсто биле отфрлени поради разни причини, а мерката притвор во подрачјата на четирите виши јавни обвинителства е применета против 451 лице, што во однос на 322 лица во 2016 година е зголемување од 129 лица. Од друга страна, намален е бројот на обвинети кои склучени спогодби со обвинителствата, покажува Извештајот за работата на Јавните обвинителства на РМ.

Според извештајот, Основните јавни обвинителства во текот на 2017 година постапуваа по новопримени кривични пријави против вкупно 28.753 сторители на кривични дела, од кои против 17.402 полнолетни, против 1.074 деца и против 10.277 непознати сторители на кривични дела. Постои намалување на кривичните пријави против полнолетни сторители и против деца, додека кривичните пријави против непознати сторители се зголемени за 1.166 пријави.

-Состојбата со намалувањето на бројот на новопримени кривични пријави во основа се должи на неповолната општествена состојба во која се наоѓаше Република Македонија во изминатите години, често менување на раководните кадри на работни позиции во МВР, кое учествува со 70,3 отсто од вкупно поднесени кривични пријави до јавните обвинителства, а во извештајната 2017 година ова Миистерство поднело 1.006 пријави помалку во споредба со 2016 година.Од друга страна проблемот со неносење на измени и неусогласување на Законот за јавното обвинителство со Законот за кривичната постапка ја ограничува улогата на јавните обвинители од аспект на самостојно откривање на криминал, велат од ОЈО.

Основните јавни обвинителства заедно со специјализираното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во извештајната година од вкупно 29.637 пријавени лица, врз основа на прибавените потребни податоци и известувања во 12.588 случаи, преземени истражни дејствија против вкупно 13.259 лица, издадените наредби за вештачења во 1.682 случаи и доказите прибавени со испитување на обвинет и сведоци во 8.206 случаи, донеле јавнообвинителски одлуки против 16.698 лица или го решиле вкупниот обем на работа во 56 отсто од случаите.

При тоа биле отфрлени кривични пријави против 7.582 лица или 45,3 отсто од случаите, поднесени биле обвинителни предлози против 4.028 лица или 24,1 отсто, предлог за казнен налог се поднесени против 3.232 лица или 19,3 отсто, против 1.121 лица или 6,7 отсто донесени се наредби за спроведување на истрага,а предлог спогодба во скратена постапка поднесена е против 137 лица или 0,9 отсто.
Од отфрлените пријави, вкупно 6.003 лица или 35,9 отсто се отфрлени врз основа на чл.288 од ЗКП, според кој, обвинителот ќе ја отфрли кривичната пријава ако од самата пријава произлегува дека пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност, ако настапила застареност или делото е опфатено со амнестија или помилување, ако постојат други околности што го исклучуваат гонењето или ако не постои основано сомневање дека пријавениот го сторил кривичното дело.

Мерката притвор во 2017 година од основните јавни обвинителства во подрачјата на четирите виши јавни обвинителства е применета против 451 лице, што во однос на 322 лица во 2016 година е зголемување од 129 лица. Од годишните извештаи на јавните обвинителства произлегува дека мерката притвор против 226 лица била со времетраење до 30 дена, против 53 лица била со времетраење до 60 дена, против 75 лица била со времетраење до 90 дена и против 97 лица мерката притвор траела над 90 дена. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и
корупција постапувало против 97 лица на кои им бил определен притвор, куќен притвор против 15 лица и други мерки на претпазливост против 15 лица.

Мерка притвор е определена према 451 лице од вкупно 28.753 новопријавени лица или во само 1,5 отсто случаи. Јавното обвинителство е на мислење дека откако de facto ќе започне примената на Законот за пробација, предлагањето на мерката притвор дополнително ќе се намали, велат од ОЈО.

Според обвинителството, донесувањето на пресуда врз основа на спогодба на јавниот обвинител и осомничениот и оваа година беше предизвик во работењето на јавното обвинителство. Институтот спогодба помеѓу јавниот обвинител и осомничениот доведува до многу позитивни решенија во поглед на побрзо решавање на предметите, а со тоа и други погодности во поглед на осомничениот и неговите права.

-Овој институт во текот на 2017 година е применет во вкупно 327 случаи, што во однос на 2016 година кога имаше 458 спогодби се забележува намалување за 131 склучена спогодба, од тоа во 137 случаи во скратена постапка, 174 случаи во текот на истражната постапка и во 16 случаи по поднесен обвинителен акт, односно во фаза на оценка на обвинение. Во однос пак на кривичните дела за кои се склучуваат предлог спогодбите, состојбата е приближно иста по однос на потпишани спогодби во скратена постапка, односно за кривични дела за кои е запретена казна затвор до пет
години и за кривични дела за кои е запретена казна затвор над пет години, велат од ОЈО.

Во 2017 година јавните обвинителства поднеле обвиненија против вкупно 7.993 лица, што е за 1.114 лица помалку во однос на 9.107 во 2016 година. Од вкупниот број на поднесени обвиненија, против 4.028 лица поднесени се обвинителни предлози, против 3.232 лица предлози за казнен налог, против 733 лица поднесени се обвинителни акти по спроведена истрага.

Надлежни основни судови постапувале по поднесени обвиненија против вкупно 15.072 лица, од кои против 7.993 лица обвиненија се поднесени во извештајната година , а против 7.079 лица што останале непресудени од претходните години. Од вкупниот број на донесени пресуди, осуденителни се против 7.386 лица или 90 отсто од вкупниот број на пресуди во 2017 година, од тоа казната затвор е изречена против 1.329 лица или 16,1отсто, парична казна против 1.896 лица или 23 отсто, условна осуда против 4.161 лица или 50,6 отсто и судска опомена 9 или 0,1проценти.

Во текот на извештајниот период во 2017 година јавнообвинителската функција се извршуваше преку 197 јавни обвинители, од предвидените 251 јавни обвинители, во која бројка не се сметаат 13 обвинители од СЈО.

(И.Ш.)

Треба да знаете
Последни објави