Search

Обвинетиот Влатко Трајковски сведочи: Тргнал по опрема за риболов, завршил во Собрание

Обвинетиот Влатко Трајковски во своја одбрана пред Судот, за случувањата во Собранието на 27 април, рече дека од мал имал дадено заклетва дека ќе ја брани Македонија и од патриотски причини бил на протестите, исто како што учествувал и во конфликтот во 2001 година.

Нагласи дека е член на ВМРО-ДПМНЕ од своја 15 година, кога се зачленил во Унија на млади сили. Трајковски, потоа околу еден час во судница раскажуваше за неговото учество во конфликтот од 2001 година, кога како што рече, бил и на Шара, и во Арачиново и во Радуша.

– Својот револт за договорената работа од Арачиново, заедно со другите од резервниот состав на полицијата, го искажав така што влеговме и во 2001 година во Собранието. Бев револтиран за случувањата во државата и се раздолжив од униформата, рече обвинетиот Трајковски.

Ден пред да почнат протестите „За заедничка Македонија”, посочи, бев повикан и ми рекоа дека ќе има протести и треба што помасовни да бидеме.

– Се насмеав, зошто секогаш беше едното исто и им реков ајде ќе дојдам да не речете после без тапан свадба не бива. На протестите бев од патриотски причини, рече обвинетиот Трајковски.

На 26 април по завршувањето на мирните протести, истакна, кога се вратил дома другар му кажал дека го бараат некои луѓе кај Чаче во кафана.

– Отидов, тројца не знаев, а еден познавав така по видување. Утре може ќе се влага во Собрание. Прашав кого ќе утепуваме внатре, а ми рекоа ти нема да утепуваш, туку треба да пазиш на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот Трајко Вељаноски и работата да не излезе од контрола. Му реков не сум супермен не можам се сам, ми рекоа не се секирај не си сам, ќе има и други луѓе, ама нема да се знаете. Ми рекоа целта е да се предизвика што поголем хаос и да се заплашат пратениците. Му реков не е добро, зошто 2001 влеговме ама бевме полиција, а сега ќе бидеме затворени. Ми рекоа дали си со нас или против нас, не се секирај за последиците ќе има луѓе од ДБК што ќе ве штитат, рече Трајковски.

На 27 април, додаде, бил повикан од веќе осудениот Маријан Стоев кој го праша дали ќе оди на протести, а тој му рекол „што да доаѓаам за да бројам 1.500 чекори од Влада до Собрание”.

-На 27 април се вратив дома од работа. Се напив едно кафе и ракија. Во 4:25 часот излегов до дуќанот за риболов, ама немаше тоа што ми треба и се упатив до Трофеј, кај Рампа. Кога веќе бев таму си реков да одам до Собрание да видам што има. Кога стигнав забележав народ како се собира и седнав на една од клупите во жена парк. Таму го сретнав Маријан (Маци), рече Трајковски.

Тогаш тој му рекол дека го барал за на протести ама телефонот не бил со него и заедно отишле на Кеј, кај Дион.

-Тогаш Маци отиде некаде и се врати и ми рече Луди, ќе се влегува во Собрание и се упативме. Кога стигнав пред Собранието ги видов во толпата моите родители, зет ми и фамилијата. Тогаш се одвоив од групата, по што Маци дојде и ми даде фантомка. Потенцирам дека кога стигнав оградата беше турната, а народот до вратите на Собранието. Пред да влезам во Собранието ја извадив фантомката, зошто знам дека е кривично дело, и како верник влегов со десна нога. Влегов во собраниската сала, каде почна да се пее и јас се качив на столче со кренати раце и почнав да пеам и јас. Доаѓа полицаец и ми побара шише вода, а јас го прашав каде е канцеларијата на Вељаноски и тој ми објасни каде е. Кога стигнав едно девојче ми вика господине не може да влезете тука, ова е канцеларија на Вељанвски. Како што може да се види од снимките од обвинителството може се добива и впечаток дека сум пијан, ама јас и реков сакам само да видам каква е канцеларијата и каде одат моите пари, рече обвинетиот Трајковски.

Во обвинението, рече дека му се товари, дека со ПП апарат го нападнал пратеникот Сашко Коцев.

-Тврдам дека тоа е лага, зошто од снимките се гледа дека ПП апаратот не го кревам повеќе од коленото. Пратеникот Коцев ме навреди и рече хулиган. Јас се изнервирав и му реков седи тука, чекај да видиш што е хулиган. Идам и земам ПП апарата и го прскам. Кога видов дека има други луѓе престанувам да прскам и го спуштам ПП апарат и го прашувам „дали видовте што е хулиган”, објасни обвинетиот Трајковски.

Од таму, посочи, влегов во прес салата, каде беше хаос и беа пратениците Зијадин Села и Зоран Заев цели раскрвавени.

-Таму ме удира столче од позади во глава. Паѓам доле и буквално на четири нозе излегов од салата. Потоа полека излегувам и барам по ходниците вода, земам од една од канцелариите и излегувам во Жена парк, рече обвинетиот Трајковски.

Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.

Обвинетиот Илија Славевски претходно рече дека нема да изнесува своја одбрана. Остануваат уште четворица обвинети да дадат своја одбрана.

Во судница се присутни сите обвинети, меѓу кои има пратеници, уметници, луѓе од собраниското обезбедување, вработени во МВР и граѓани.

Треба да знаете
Последни објави