Search

НФФ: Лицата со попреченост маргинализирани и невидливи во руралните средини

Социјално и економско зајакнување на лицата со попреченост и нивните семејства во руралните области преку инфраструктурни интервенции и прилагодувања во начинот на производство на храна како што се пластениците и градините за производство на зеленчук, е целта на проектот „From Disability to FoodAbility” што беше презентиран денеска на Филозофскиот факултет.

Проектот кој почна во јули 2019 и ќе трае до јуни 2021 година, го реализира Националната федерација на фармери со поддршка на Шведската организација за развој We Effect и Radiohjаlpen. Како надворешна експертиза на полето на лица со попреченост е вклучен Филозофскиот факултет.

Во рамки на проектот, како што беше речено денеска на прес-конференција, ќе бидат мапирани 30 семејствa во чии дворови ќе бидат изградени градини или пластеници за земјоделски производи.

-Особено е важно да се обезбеди целосно и рамноправно учество на лицата со посебни потреби во сите сфери на општеството. Нивниот потенцијал мора да биде препознаен. Токму затоа, со овој проект, се обидуваме да создадеме услови за лицата со посебни потреби и нивните семејства кои живеат во руралните области, не само да бидат во состојба да ја подобрат својата егзистенција, туку и да го поттикнеме нивното социјално и економско зајакнување. Посебно внимание им посветуваме на жените со посебни потреби кои многу често се соочуваат со двојна дискриминација, од една страна заради својот пол, а од друга страна заради попреченоста и кај нив веројатноста да живеат во сиромаштија и изолација е многу поголема, рече регионалната директорка на Шведската организација за развој, Анели Леина.

Според Билјана Петровска Митревска, проект менаџер во НФФ, лицата со попреченост се маргинализирани и невидливи во руралните средини.

-Исклученоста од информации, ограничениот пристап до социјални, образовни и здравствени институции, несигурната егзистенција на нивните семејства кои најчесто се занимаваат со земјоделство ги туркаат во сиромаштија и влегуваат во категоријата на хронично сиромашни домаќинства. Националната федерација на фармери смета дека токму со овој проект ќе се поттикне и помогне семејствата да ги развијат своите знаења и вештини во однос на своите основни права, нивно вклучување во процесите на донесување одлуки, зајакнување на мерките за поддршка на локално ниво и подобрување на политиките на национално ниво, нагласи Петровска Митревска.

Проектот примарно ќе опфати семејства на лица со попреченост кои живеат во руралните средини, кои се дел од членството на НФФ, како и лица со попреченост кои ќе бидат идентификувани од страна на експертите од Филозофскиот факултет во Скопје, во Свети Николе, Велес, Ресен, Гостивар, Кочани, Неготино, Струмица, Тетово, Mакедонски Брод и Скопје.

-Заедничкиот проект на тимот на We Effect (Шведска), Националната федерација на фармери и Филозофскиот факултет означува почеток на промена на состојбата. Најголемиот број истражувања укажуваат дека лицата со попреченост кои живеат во рурална средина се соочуваат со позитивни предизвици што влијаат врз нивната продуктивност, ментално и физичко здравје и квалитетот на животот. Проектот дава можност да се направат релевантни истражувања на академската заедница на поголем примерок лица, а резултатите и нивната имплементација во руралните средини да означува нов почеток за овие лица и нивните семејства, рече деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев.

Проф. д-р Наташа Станојковска – Трајковска, раководител на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет посочи дека попреченоста не смееме да ја гледаме како неможност. Многу земјоделци со попреченост даваат значаен придонес во секојдневното живеење на семејството и заедницата.

-Од примерокот опфатен со овој проект 51 процент живеат под прагот на сиромаштија. Жените особено се подложни на дискриминација, па застапеност на 40 проценти жени со попреченост во примерокот укажува на потребата од максимално искористување на нивниот потенцијал за градинарско производство, но и преработка на производите. Највисок процент е на лицата со телесна инвалидност, со 39 проценти, а тоа значи со адаптација на просторот и нивно лично зајакнување со фини вештини, може да добиеме продуктивни работници кои можат да придонесуваат за квалитетот на живот на нивните семејства. Покрај зајакнување на капацитетот на секој поединец, со ваквите проекти, индиректно го зајакнуваме семејството, го поттикнуваме руралниот развој, ја намалуваме тенденцијата за миграција и го стимулираме руралниот туризам, истакна Станојковска – Трајковска.

Целната група на проектот ја сочинуваат најмалку 60 лица со попреченост како и нивните семејства, односно ќе се изврши директно влијание на околу 250 лица. Покрај тоа, 150 луѓе кои живеат во рурални области ќе бидат обучени за застапување, односно разбирање и лобирање за правата и потребите на лицата со попреченост. Дополнително, преку комуникациските канали на НФФ ќе бидат информирани повеќе од 10.000 лица.

Треба да знаете
Последни објави